Владата не кризира, медиумите шпекулираат

64

Нема криза во владината коалиција, работите функционираат тековно. СДСМ и ДУИ ја спуштаат топката по неколкуте критики од премиерот Зоран Заев дека ДУИ се кити со туѓи перја за Законот за јазиците.

– Овој закон не е на ДУИ, овој закон е и на СДСМ, на Зоран Заев, на Беса, на сите што сме внатре, турска, пензионерска партија. Сите го поддржавме, сите го гласавме и мора да биде во духот на едно општество за сите. Не ми требаат мене националзми од ниедна страна, рече премиерот Зоран Заев.

Мојот пријател и потпретседател на Владата, додаде Заев, заборавил на заклучокот од Влада, зошто немаме предрасуди, ништо не треба да правиме шверцерски.

– Уставот го дефинира албанскиот јазик како втор официјален јазик, за меѓународна употреба само македонскиот јазик, прв е македонскиот, употребата е јасно разграничена, рече Заев на Алсат-М.

По изјавата на Заев, реторика ја ублажи и вицепремиерот Бујар Османи.

Според него, ништо што е усвоено од Законот за јазици не може да биде оспорено. Венецијанската комисија ќе го оценува само неусвоениот член 8.

– Немаме недоразбирања, може да има само различни интерпретации за тоа кој член треба да се прати во Венецијанската комисија. Мислам дека тоа што треба да се оценува од Комисијата се двата члена кои се оспорени, а нормално е да се поднесе целиот закон за да се провери суштината. Не мислам дека Венецијанската комисија треба да оценува колку и каде треба да се употребува албанскиот јазик.Тоа го одредува Уставот и измените направени после Рамковниот договор – вели Османи во изјава само на албански јазик.

Дека се функционира нормално, уверува и владиниот портпарол Миле Бошњаковски кој вели дека “не постои конфликт или судир како што пишуваат медиумите”.

– Имавме владина седница на која работите тековно функционираа. Како некој толкува одредени изјави, тоа е во рамки на слободата на изразувањето, на вас медиумите и на новинарите. Работата на Владата е тековна и немаме никакви проблеми – рече Бошњаковски.