ВО ПРЕСРЕТ НА ОСКАРИТЕ: SMILE – НАСМЕВКА  (НАСМЕЈ СЕ, УСТО, ЗАРЕМ ЌЕ ТЕ РАСЧЕПАМ!)

130

„Смеј се иако срцето те боли,

смеј се иако се крши,

дури и кога небото е облачно,

ќе можеш да се носиш со тоа.

 

Ако се смееш,

низ твоите страв и тага,

смеј се и можеби утре,

ќе го здогледаш сонцето како ќе сјае за тебе.

 

Лицето нека ти свети од задоволство,

и сокриј го секој траг на тага,

иако солзата секогаш ти е блиску,

 

Такво е времето во кое мораш да си упорен,

насмеј се бидејќи нема корист од плачење,

и ќе видиш дека животот сè уште има вредности.

 

О,АКО СЕ СМЕЕШ!“

          Sir Charles Spencer Chaplin (Чарли Чаплин)

          Нека ми биде простено за можеби лошиот превод на бесмртната „Смеј се“  – оркестарска композиција на величествениот Чарли Чаплин, публицирана во 1954 година, од страна на Борн и надградена со прекрасен текст на дуото Тарнер&Персонс, но тоа го направив со најдобра намера инспириран од „Џокер“ на Хоакин Феликс и Тод Филипс.

Во саундтракот на филмот, освен „Дајте ги кловновите“ на Соденберг, крунското место го зазема токму оваа музичка изведба на уште еден комедијант, композитор и врвен актер малку познат на нашата филмска и музичка публика, Џими Дуранте. Индикативна е нејзината вечна порака и нема да се направи грешка ако за неа се изразам како за химна на цивилизацијата, таква каква што ја познаваме од времето на почитуваниот господин Адам Смит, познат шкотски економист, филозоф и моралист, еден од творците на пазарното општество. Зошто е тоа така? По Дуранте, аријата и стиховите ги протежираат уметници како Нет Кинг Кол, Дин Мартин, Натали Кол па сè до Мајкл Џексон. И тука не би било можеби ништо посебно бидејќи на прекрасните композиции се испробувале повеќето одлични уметници, освен ако една уметничка гранка повторно ја актуелизира вредноста на другата како во овој случај.

Брилијантниот филм на Тод Филипс, мое лично мислење, претставува вистинско огледало на цивилизацијата, глобална слика на нус-продуктите на пазарната економија како параметар на денешното живеење, аномалија на искривен поглед на човештвото  кое преку своите сетива го уништува сопствениот духовен свет давајќи им предност на материјалните добра кои се повеќе се пранги на неговата самосвест. Апсурд над апсурдите се поставените нивоа на критериумите на вредности. Кога се повеќе и повеќе се истакнува потребата од морализирање и етичност, а резултатот е енормно зголемен број на мртви и болни души, намерата е соголена, а иднината темна. Овој морбиден притисок од секојдневието врз свеста и емоциите на кршливото човечко суштество исфрлено безмилосно на пустински брег на алиенацијата и самотијата, без капка вода и непримерно количество на истурена сончева енергија со која ќе се лекува жедта по нормалното, е застрашувачка вистина всадена во стратегијата на нечии себични интереси.

Да се биде и остане нормален во динамиката и стампедото на секојдневието, да се опстане и прехрани, да се побара утеха пред екранот и да се расправа сам со себе игнорирајќи ги притоа своите најблиски како да не се во истата просторија, да им опонира на водителите дезинформатори кои водат ток шоу емисии за сопствено добро и трајност на која може да се завидува, да биде револуционерно расположен без револуција, е вистинска уметност што ја има се помалку и помалку.

Општеството е жива материја, политиката е неговиот крвоток, борбата за искачување по пирамидата на злото крволочна и бескомпромисна, дното гарантира лудило кое ги иницира добротворните крокодилски солзи на сожалување на титаните со оние кои се оболени и несреќни, а аналогно на тоа и неспособни но со исклучителни морални вредности и завидна школска наобразба. Притоа, неснаодливи и некомуникативни.

Не е само Џокерот френезичен, шизофрен, со помрачен разум, со болест која иницира чудна и чудесна насмевка. Не е само тој единствен Џокер. Болеста е масовна и се повеќе наликува на епидемија. Малку се богати, мнозинството по надолнината на пирамидата на злото и на работ на Тартар, пеколниот амбис на митологијата. Притоа, нема враќање и покрај согледувањата за мрачна иднина. Аномалии на некогашниот тоталитарен систем, искривувања во лавиринтите на пазарната економија од кои и славниот шкотски моралист Адам Смит би се фатил со рацете за глава.

Џокерот ги повикува кловновите но попусто. Тие се презафатени и немаат време за публиката која е блиска до него. Тие повеќе не се дното туку се врв. А публиката е бројна но не и свесна за сопствените вредности и потреби. Таа е шизофрена и не размислува правилно. Аномалиите на општеството ја прават болна и стерилна. Парите се Бог, потребите на сетивата се повеќе го дробат духот и тој полека тоне во лудило…

Не, Џокерот не е луд. Него го полуделе. Таа болест е генерациско лудило на општеството што му конкурира на генетиката. Џокерот е совршено нормален човек кој својата позитивна енергија несебично сака да ја подели со окружувањето. Тој е пресреќен што може да усреќи болни души несвесни за сопствената болест. Пирамидата треба да се урне, да не постои. Во краен случај, нејзиниот темел е дното, а не врвот. За да се испразни душата наталожена со неправди, некој треба да ви понуди огнено оружје. Потоа, потоа лиферантот поткрепен од злоделото, ќе ве претвори во државен непријател број еден…

Спасот? Спасот е во насмевката, во енергијата што таа ја зрачи. Нашите стари не се далеку од вистината кога велат „Смеј се, усто, зарем ќе те расчепам“!

Нашата Атиџе и Џокерот ќе се сретнат на свеченото доделување на оскарите во Лос Анџелес на 9 февруари. Две различни насмевки, два света кои ги заслужуваат златните статуетки. Дури и повеќе од тоа. Тие не се конкуренција туку сплотеност на спротивности. Тие ја сочинуваат целината на животот, на нашите навики, на секојдневието. Едната му припаѓа на рустикалниот амбиент на недопрената природа со тони чист воздух и спокој кој инспирира, а втората е застрашувачки израз на проблемите на урбаниот човек кој постојано прета заглавен во железната пајачина на правилата кои тивко и морбидно го обезличуваат и уништуваат.

Па, дами и господа, од Академијата, се надеваме и очекуваме овие две насмевки да ни ја стоплат душата на „црвениот тепих“ и да ни го покажат вистинскиот пат по кој треба да зачекори оваа наша цивилизација. Впрочем, сите ние имаме право на „Зимска бајка“!

 Љубомир Јованоски

Гостивар, јануари 2020 г.