Во зорт, топланите можат да работат на мазут само 10 дена!

38

Топланите „Запад“ и „Исток“ во случај на недостиг на главниот енергенс – гасот, може да користат мазут како резервен енергенс во период од само 10 дена, а за негова понатамошна употреба потребна е согласност од Министерството за животна средина и просторно планирање.

– Ставот на Министерството за животна средина и просторно планирање е дека на пазарот има гас и нема да се дозволи овие постројки да работат на друг енергенс освен на гас. И во нивните дозволи е наведено дека во случај да нема гас на пазарот, тие може да работат 10 дена на мазут. Државниот инспекторат ќе ја следи исклучиво дозволата што им е издадена – изјави директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојковски.

Топланата „Скопје Север“е под надлежност на Градот Скопје, а на останатите топлани за сите наредни активности по истекот на 10 дена, потребна им е дополнителна дозвола.

–Државниот инспекторат за животна средина ги контролира актите што ги издава МЖСПП и тоа што пишува таму. Значи, не е стручен орган да дава мислење дали може да работат или не може. Ние го контролираме тој дел и кажуваме доколку сакате да работите повеќе од 10 дена треба да си обезбедите соодветна дозвола од МЖСПП – вели директорот на Државниот инспекторат.

Се што е надвор од она што е пропишано согласно законот, Државниот инспекторат ќе го санкционира, а зависно од големината на субјектот, казните се движат до 400 илјади евра.

– Ние не сме орган којшто одлучува во однос кој енергенс тие ќе го користат, така што ако Министерството им издаде дозвола да користат, ние ќе ги почитуваме документи и дозволи што ги издава МЖСПП – вели Стојовски.