Во велешкиот театар премиерно изведена претставата „Лепа Ангелина“

49

На големата сцена во велешкиот Народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ викендов премиерно беше изведена претставата „Лепа Ангелина“, по текст на македонскиот автор Благоја Ристески Платнар, а во режија и адаптација на Љупчо Ѓеоргиевски.

Платнар по вторпат се поставува на македонската  театарска сцена, по неговата праизведба пред 28 години, а велешкиот театарски ансамбл и целата екипа по претставата за одличната изведба од бројната публика добија долг и силен аплауз.

Во улогата на Лепа Ангелина настапи Талија Настова, а во улогата на Болен Дојчин, Жарко Спасовски.

Композитор на музиката е Сашко Костов, кој за време на претставата имаше изведба во живо заедно со Орхидеја Дукова.

Драматург е Катерина Момева, сценограф – Валентин Светозарев, костимограф Андреј Георгиевски, а дизајнот на плакат е на Филип Коруновски.

Режисерот Љупчо Ѓеоргиевски појасни дека овој текст е голема инспирација и провокација, и дека вторпат работи со текстови на Платнар. Првпат пред многу години во Прилепскиот театар го поставил „Летни Силјане“ од Платнар.

-Благоја Ристески Платнар е инспиративен автор затоа што се занимава со теми коишто за нас се клучни теми и сите тие ги обработува на еден специфичен начин и  со еден специфичен поетски јазик. Не е специфична за него само драмската поетика туку и поезијата со која пишува, појасни Ѓоргиевски.

Овој текст на Платнар првпат беше изведен во 1995 година во Македонскиот народен театар во режија на Владимир Милчин.