Во автобус нема пиење ни вода ни сок, ни јадење сендвичи и грицки

638

Ниту патувањето со автобус веќе не е исто како порано. Според протоколот за вршење меѓуградски превоз што викендов го објави Владата и патниците и превозниците, но и компаниите кои стопанисуваат со автобуските станици, ќе мора да се навикнат на нови правила на однесување.

Граѓаните сега, по обновувањето на меѓуградскиот превоз, во автобус не смеат да се возат без заштитна маска на лицето. Но исто така во возилото не смеат да јадат, пијат или да грицкаат.

Превозниците пак, не смеат да дозволат возачот да седне зад волан без заштитна маска. Исто така треба да создадат услови тој да биде одделен од делот за патници со физичка преграда во форма на врата или преграда од плексиглас во висина над главата. Автобусите не смеат да возат полни, туку секое второ седиште мора да е празно. Исто така, мора да се регулира движењето на патниците на тој начин што влезот и излезот ќе бидат на различни врати, а за да се запази ова правило мора да биде означен правецот на движење. На влезните врати треба да има средство за дезинфекција и на видливи места треба да бидат  поставени едукативно-информативни материјали за почитување на заштитните превентивни мерки како што се носење маски, одржување на физичко растојание, редовно дезинфицирање на рацете, правилна респираторна хигиена. Во автобусите мора да има корпа за отпадоци со пластична кеса и капак која ќе се празни по секоја тура. Исто така, автопревозниците  се должни во автобусите да обезбедат редовна контрола за почитување на овие мерки.

Протоколот предвидува и конкретни правила за механичко чистење и дезинфекција на автобусот кое е задолжително по секоја извозена тура. Тоа треба да се врши со средство кое ги ништи вирусите според упатство од производителот. Како замена може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини. За извршената дезинфекција мора да се води редовна дневна евиденција.

На автобуските станици, пак треба да се означат или да се обележат точки за патниците со цел да се воспостави ред при чекањето со одржување на физичко растојание од 1,5 до два метра. Автобуската станица исто така мора да обезбеди лица кои ќе бидат одговорни за одржување на редот.

Превозниците велат дека нема да имаат проблеми со почитување на протоколот посебно во делот за празните седишта. Тие посочуваат дека и онака возат речиси празни, а засега просечно во меѓуградските автобуси се возат по седум патници. Ова го припишуваат на стравот на луѓето од заразување со вирусот. Но, истовремено тие апелираат до инспекциите да им се посветат на дивите превозници кои со повици преку „Фејсбук“ ги полнат своите возила со патници повикувајќи ги наводно да го поделат трошокот за патувањето.

(С.В.)