Раните ги санираат, им помагаат на колабираните, а наоѓаат и изгубени лица

658

На Средно Водно, од 9 мај, но и од овој викенд на Матка функционираат планинско-спасителните станици при Црвениот крст на град Скопје кои се наменети токму за таа цел, да им понудат прва помош на повредените, да ги транспортираат ако е потребно до Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, да ги најадат изгубените. Александар Бојковски, еден од членовите на тимот спасители на планина при Црвениот крст на град Скопје, за весникот ВЕЧЕР сподели спомени за неколку поинтересни интервенции во кои и тој учествувал

 

Рекреативците и планинарите кои сакаат викендите да ги поминат уживајќи во убавините на Водно или кањонот Матка, а и велосипедистите често пати се случува да се најдат во незгода. Да се изгубат, да паднат, да се изгребат и да се здобијат со други потешки повреди.

Иако се високо на планината, тие не се оставени сами на себе. На Средно Водно, од 9 мај, но и од овој викенд на Матка функционираат планинско-спасителните станици при Црвениот крст на град Скопје кои се наменети токму за таа цел, да им понудат прва помош на повредените, да ги транспортираат ако е потребно до Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, да ги најадат изгубените.

Се работи за планинско-спасителната станица „Водно“, која работи во текот на целата година, а која заради пандемијата со корона вирусот извесно време беше во мирување, и „Димитар Боцевски“ на Матка, која се наоѓа кај манастирот „Свети Андреа“, а која работи само во летниот период, се додека трае летната сезона, некаде до септември.

Задолжен за укажување помош е тимот за спасување на планина при Црвениот крст на град Скопје кој работи во овие планинско-спасителни станици, за викендите и за време на државните празници, кога и фреквенцијата на луѓе на овие две дестинации е поголема и тоа од 9 до 17 часот. Тимот составен од дваесетина спасители секојдневно се соочува со разни незгоди, но несебично помага тие да се решат на најбезболен начин. Александар  Бојковски кој има 25 години е еден од спасителите кој раскажува за тоа низ се што поминуваат кога се на дежурство.

– Се соочуваме со разни повреди при падови на козјите патеки или на асфалтираниот пат на планината Водно, или на кањонот Матка, било да се тоа на активни планинари и рекреативци. Се случи не многу одамна, пред речиси еден месец, во текот на неделата кога немавме дежурство на Водно јас и мојот колега бевме на терен. Додека ја вршевме должноста од нашиот координатор добивме повик дека две млади лица, момче и девојче, на возраст од 19 години се изгубиле во пределот над Средно Водно. Тој имал контакт со нив. Телефонски тешко беше да ги насочиме, бидејќи не знаеја точно да кажат каде се наоѓаат, да посочат нешто по кое би можеле да ги лоцираме. Веднаш реагиравме ја земавме потребната опрема и решивме да одиме на лице место. За не повеќе од половина час успеавме да утврдиме точно каде се. Ги земавме и безбедно ги вративме назад. За среќа не беа повредени – раскажува Бојковски за незгодите.

 

Тој за читателите на весникот ВЕЧЕР ја сподели и случката кога му помогнале на човек кој колабирал, односно имал сончаница поради високите температури.

– Човекот паднал настрана од козјата патека која води од полициската станица до Средно Водно. Тоа е позната патека која обично ја користат планинарите. На лице место прво дошла екипа на Службата за итна медицинска помош. Тие побараа асистенција од нас, со носило безбедно да го симнеме до нивното амбулантно возило. Повикот го добивме од наша колешка, исто така спасител, која не извести дека е потребна помош за транспорт. Ја земавме потребната опрема и за брзо време се симнавме до местото каде што се наоѓаше човекот, го обезбедивме и безбедно го транспортиравме до амбулантното возило – вели Бојковски.

Тој се сеќава и како минатото лето му помогнале на велосипедист кој при пад на козја патека добил длабока расекотина на десниот бут.

– Беше помладо момче. Како што ни беше објаснето тој паднал кога симнувајќи се од врвот на Водно кон Средно Водно, при крајот на патеката изгубил контрола над својот велосипед, се удрил во стебло на самата патека и од ударот се здобил со длабока расекотина на десниот бут – се сеќава Бојковски.

Во планинско-спасителната станица го донеле неговите другари, бидејќи возеле во група. Му била пружена потребната прва помош. За среќа, момчето било донесено навреме, па била избегната поголема незгода.

Бојковски вели дека месечно имаат две до три пребарувања на исчезнати лица на територијата од Водно кон Матка, а исто така месечно имаат и околу 10 интервенции за давање прва помош при падови на козји патеки или на асфалтниот пат на планината Водно или на кањонот Матка.

Тој додава дека повиците за изгубените најчесто ги добиваат од полицијата, бидејќи повредените кои не го знаат нивниот број се јавуваат во полициска станица. Од полицијата ги добиваат сите потребни информации за лицата, дали се повредени, каде се наоѓаат, за да знаат со што ќе  сретнат кога ќе излезат на терен.

– Многу е битно да ги имаме тие информации бидејќи животот на некој тешко повреден многу зависи од времето на нашето пристигнување – дециден е Бојковски и додава дека некои пак го знаат нивниот број и им се јавуваат лично ним. Телефонскиот број 072/269-876 е запишан и на табла на Средно Водно каде што е сместена планинско-спасителната станица.      

Инаку, тимот за спасување на планина при Црвениот крст на град Скопје постои од 2005 година. Тогаш е оформена и планинско спасителната станица „Водно“ во рамките на Центарот за кадри и рекреација на Црвениот крст на град Скопје „Даре Бомбол“ на Средно Водно.

(А.П.)