ВНИМАВАЈТЕ КАКО ВОЗИТЕ НИЗ СРБИЈА!Може да останете без возилото ако сторите сериозен прекршок

207

На српските патишта од вчера е можно возачите да останат без своите автомобили, бидејќи стапи на сила новиот Закон за безбедност во сообраќајот, според кој 18 прекршоци може да бидат причина надлежните да им ги одземат автомобилите на несовесните учесници во сообраќајот, јави дописникот на МИА од Белград.

Со новиот Закон, регулирана е и областа на користење на електричните тротинети, кои досега беа законски „невидливи“, а е предвидена можност многу млади возачи да седнат зад воланот на камион.

Како што изјави директорот на Агенцијата за безбедност во сообраќајот, Бранко Стаматовиќ, возилата ќе им бидат одземени на оние возачи што ќе бидат фатени како прават тешки прекршоци и се утврди дека во изминатите две години биле законски осудени за најмалку два тешки прекршока.

– Во такви случаи, полицискиот службеник ќе може привремено да го одземе возилото со кое е сторен прекршокот на самото место до завршување на постапката пред надлежниот суд, која може да трае и до една година, понекогаш и повеќе – објасни Стаматовиќ.

Меѓу 18-те прекршоци поради кои би можеле да им бидат одземени возилата на возачите се возење под дејство на алкохол со повеќе од 1,2 промили; одбивање алкотест или тест за дрога; надминување на брзината за повеќе од 80 км/ч надвор од населено место; надминување на брзината за повеќе од 70 км/ч во населено место; надминување на брзината за повеќе од 60 км/ч во училишна зона; надминување на брзината за повеќе од 50 км/ч во зона со бавен сообраќај; превоз на дете до 12 години на возачко седиште; превоз на дете до 12 години на место што не е наменето за седење (багажник, табла со инструменти, задна полица, надворешни делови на возилото и сл.); поминување на најмалку два црвени семафора за помалку од 10 минути; престигнување колона возила преку полна линија; возење без возачка дозвола; возење ноќе по неосветлен пат без запалени светла на возилото; престигнување возило што застанува или застанало за да дозволи пешак да помине на пешачки премин.