Тајната на долговечноста  на фудбалскиот терен, на шведскиот репрезентативец и голгетер на калчолигашот Милан, се должи на тоа што  тој многу внимава на својата исхрана

Тој исто како и КристијаноРоналдо, не само што внимава многу на исхраната, туку и на начинот на кој таа се подготвува, а неговите оброци се мерат точно во грамови.

Диетата на Златан се состои од бело месо, сушено говедско месо и свеж зеленчук, додека замрзната храна, сладолед, па дури и тестенини се забранети на неговото мени. Исхраната на Ибра бара многу јаглехидрати кои Златан ги внесува преку житарки, а не тестенините како повеќето фудбалери. Секако, не претерува со јаглехидратите бидејќи сака неговата тежина да биде помеѓу 92 и 94 килограми.

Тој ги почитува советите на италијанските нутриционисти кои му биле предложени додека играл за Јувентус, а тоа е осум бадеми дневно – богати се со магнезиум и здрави масти.

  • Кога јадам дома точно знам колку калории можам да внесам во однос на тоа колку бев активен во текот на денот, вели Ибрахимовиќ.

Ибрахимовиќ е среќен што во денешно време раководството на големите фудбалски клубови се грижи за исхраната на своите играчи, бидејќи смета дека тоа е многу важен дел од нивната кариера.

  • Во денешно време секој тим има советник за исхрана кој внимава што и колку смееме да пиеме и да јадеме. Тоа е многу важно. Кога дојдов во Ајакс јадев што сакав, а тоа не е случај во Милан. На почетокот на кариерата не се хранев здраво, а во последните години е така, откри Швеѓанецот.

Златан во минатото имал проблеми со луѓе кои се занимавале со исхрана во клубовите за кои настапувал, па според европските медиуми, избила кавга меѓу него и готвачот во Париз.

Наводно, Златан „дивеел“ поради недостиг на свежо овошје и зеленчук во тренинг-центарот, на што готвачот одговорил дека не може да си го дозволи тоа поради ограничениот буџет за храна во клубот!

На Ибра наводно не му се допаднало тој изговор, па го испратил готвачот да оди во локалната продавница да пазари.