Власта го прочита извештајот со розови очила, опозицијата со црни!

49

Непосредно по објавувањето на извештајот и власта и опозицијата излегоа со свои гледишта за забелешките што ги нотира Брисел. Евроамбасадорот Дејвид Гир, пак, со порака – скринингот мора да оди рака под рака со реформите. Опозицијата коментира дека Европската комисија во извештајот нотира дека владата не спроведува доволно реформи, нема отчетност и вистински решенија.

Последниот извештај на ЕК јасно покажува дека се потребни решителни напори за да се изгради динамика за реформи и придвижување во процесот на преговори со ЕУ, се вели во реакцијата од опозицијата.

„Главен заклучок на овој Извештај, кој се однесува на работењето на властите, е дека кај Владата во Македонија нема сериозна и суштинска посветеност на реформи. Постои недостаток на одлучни чекори за да се изгради моментум и да се продолжи процесот на преговори со ЕУ. Владата прибегнува кон ад хок иницијативи, кои ги заменуваат системските реформски пристапи“, изјави Стефан Андоновски, меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој оцени дека ако се погледнат шесте клучни кластери, ќе се забележи дека Македонија нема подобра оценка од претходните години во ниту еден од нив.

Според него, огромен проблем за владата е што ЕК ја наведува оценката дека нема никаков напредок во спроведување токму на препораките од Европската комисија во извештајот од изминатата година. Тоа, рече, се однесува особено на препораките за реформа на јавната администрација, градење на конкуренција на пазарот, слободно движење на стоки и работници, како и правото на интелектуална сопственост.

За власта, Македонија доби позитивен годишен извештај на ЕК за 2022 година. Имаме одржливи реформи, препознаен напредок и ни претстојат нови можности, коментира вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. Вицепремиерот го радува тоа што може да се каже оти земјата има одржливи реформи и препознаен напредок.

-Одржувањето на Меѓувладината конференција на 19 јули 2022 година е нова пресвртница во односите меѓу Северна Македонија и ЕУ, бидејќи пристапните преговори започнаа“. Ова е признание за континуираната посветеност на Северна Македонија и постигнувањата во спроведувањето на реформите, особено во Кластерот „Фундаментални вредности“, каде што се оценува дека напредокот во правосудството расте, и се бара да продолжи трендот на независно и самостојно работење, коментира Маричиќ. За критиката за доцнење при носењето на законите, вицепремиерот прстот го впери во опозицијата.

И евроамбасадорот Дејвид Гир порача дека се потребни забрзани реформи, кои треба да се одвиваат паралелно со скринингот и дека во нивното спроведување мора да бидат вклучени сите, и власта и опозицијата.

„Процесот на скрининг мора да оди паралелно со реформскиот процес. Ова не е работа само на власта, туку на сите – власта, опозицијата, локалната власт, бизнисот и обичните граѓани“, рече Гир.