Виолистот Ридаут и пијанистот Дупре вечерва на „Охридско лето“

35

Виолистот Тимоти Ридаут од Велика Британија и пијанистот Франк Дупре од Германија вечерва (12 август) со почеток од 21 часот ќе настапат во Црквата „Св. Софија“ во Охрид, во рамки на 62. издание на фестивалот „Охридско лето“. На програмата ќе бидат изведени И. Стравински, Н. Капустин, Д. Шостакович и С. Прокофјев.

Ридаут е еден од водечките млади солисти во Европа. Дел е од програмата на Би-Би-Си „Уметници на новата генерација“ од 2019 година, и дел од уметничката програма на Линколн Центарот во Њујорк од 2021 година. Неговите оркестарски ангажмани вклучуваат настапи со Оркестарот на Би-Би-Си и „Филхармонија“ оркестарот во Лондон, „Тонхале“ во Цирих, камерните оркестри во Париз и Лозана, Симфониските оркестри во Хамбург и Луцерн… На камерната музичка сцена соработува со ексклузивни имиња како: Николас Алтштед, Џошуа Бел, Изабел Фауст, Стивен Исерлис, Џанин Јенсен, Ларс Вогт.

Германскиот пијанист Франк Дупре ги воодушевува жиријата со неговата музичка зрелост, рафинирана техника и можност да создаде широк спектар на бои од пијаното. Првично едуциран како џез перкусионист, Дупре има „широки видици“ во пијанистичкиот репертоар, со особен интерес кон современата и музиката на актуелните композитори на нашето време. Како уметник кој цврсто се етаблира на меѓународната музичка сцена, Дупре има остварено настапи со Лондонската филхармонија како и со оркестрите во Минестота, Малме, Кристијансанд, Оукленд, со Бетовен оркестарот во Бон. Во областа на камерната музика соработува со некои од највозбудливите имиња од неговата генерација како: Симон Хофеле, Едгар Моро, Даниел Лозакович, Тимоти Ридаут, Киан Солтани.