Вардариште чади, а од Визбегово се испраќаат димни сигнали

270

Во услови кога коронавирусот коси, нелегалниот бизбис со одлагање на отпад и градежен шут цвета на познатите диви локации околу Скопје. Депонијата во Ново Село која комплетно беше исчистена од Град Скопје во јануари годинава, жители на Ѓорче Петров велат дека не само што не се празни, туку не престанува да се полни.

Ја полнат непречено тие на кои не им е гајле што беа фотографирани како на лице место истураат градежен шут и истите беа објавени на социјалните мрежи. Парадоксот е поголем што таа депонија е оградена, но тоа не му пречи на нелегалниот бизнис да ја подигнат рампата, да влезат и да го растоварат камионот со отпад и шут.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов деновиве најави дека депонијата во Ново Село повторно ќе ја исчистат, а и ќе биде направен ископ кај влезот со цел да се спречи влез на камиони што повторно ќе ја полнат.

Слични вакви активности на создавање диви нови депонии има и во општина Гази Баба (околу гробиштата Камник). Добро позната локација за одлагање отпад е  Вардариште која сè уште функционира и чади, иако според сите релевантни закони претставува дива депонија на чија санација се чека со години.

Дивата депонија во Визбегово речиси две години непрекинато функционира и ни испраќа димни сигнали дека нелегалниот бизнис си цвета и во услови на полициски час.

Слична е состојбата со дивата депонија над Арачиново, која откако ќе биде исчистена, повторно се полни од страна на локалните жители.

Скопјани реагираат на ваквите состојби и бараат од градските власти што поскоро да профункционира комунална полиција

– Градот треба да има урбана полиција инаку џабе, едни ќе чистат, други ќе прават депонии! Сега тука се расчистила една депонија, но сигурно на друго место никнала нова. Постојат очигледни докази за незаконски дејства, обвинувања, и повторно ништо. Само казни за овој народ за да се дотера на памет – се дел од реакциите на скопјани.                 

(С.Бл.)