Страстите во македонската кошарка никако да се смират, откако екипата на МЗТ Скопје ја продолжи војната со претседателот на федерацијата, Перо Антиќ, по одлуката да не се додели титулата на шампионот врз основа на моменталната ситуација на табелата пред прекинот на првенството поради пандемијата на корона вирус.

Лидер во моментот на прекин беше токму тимот од Аеродром, но само два бода пред второпласираниот Работнички.

Сега, од МЗТ бараат 17.000 евра, пари кои ги уплатија на сметка на Федерацијата на почетокот од сезоната или во спротивно ќе поднесат кривична пријава против поранешниот македонски репрезентативец.

Правните застапници на нашиот клуб сметаат дека со одлуката за поништување на сезоната се оштетени нашата, но и сите други прволигашки екипи, на кои им е нанесена голема метеријална штета. МЗТ Скопје Аеродром до средината на март на сметка на КФМ уплати 1.06 милиони денари (нешто повеќе од 17.000 евра), кои бараме да ни бидат вратени од страна на Перо Антиќ и од неговите соработници и тоа во рок од три дена, велат од клубот.

Доколку парите во наредните три дена не легнат на клупската сметка, МЗТ се закани дека ќе поднесе кривична пријава за измама.

Ако челниците на македонската кошарка во овој рок не ги уплатат на сметката на клубот парите кои ние им ги дадовме за да ја организираат Првата лига, а потоа и да ја завршат според личниот и според интересот на нивните коалициски партнери, тогаш ќе бидеме принудени да изготвиме и да поднесеме пријава за сторени кривични дела. Од Основното Јавно обвинителство ќе побараме да поведе постапка за кривичен прогон против овластеното лице на КФМ, односно против претседателот Перо Антиќ и тоа за кривично дело „Измама“, како и за кривично дело „Злоупотреба на службена должност“, известуваат од МЗТ.

КФМ претходно го побара мислењето на сите клубови учесници во прекинатото првенство и откако поголемиот дел гласаат за опцијата прекин без прогласување на шампион, Федерацијата го прифати. Оваа одлука не ја прифаќа клубот од Аеродром.