Ванда за пола цена го продава Икарди

122

После шест години на „Џузепе Меаца“ и 124 натпревари во дресот на Интер, аргентинскиот интернационалец Мауро Икарди реши дека е дојден вистинскиот момент за да направи трансфер во редовите на вечниот ривал, Јувентус.

Ако им се верува на италијанските медиуми, тогаш паричната сума за неговото обесштетување е вистинска смешка во споредба со сумата која беше побарана изминатото лето. Од тогашните 120 мил. евра, Интер сега бара само 60 мил. евра.

Сопругата на Икарди, која истовремено е и негов агент, Ванда Нара, пред неколку дена во еден хотел на Ибица, имала средба со спортскиот директор на „старата дама“, Фабио Паратичи.

Сите италијански медиуми ја пренесоа информацијата дека Јуве на Ванда и има понудено годишна плата од 8 мил. евра. Икарди и неговата сопруга повеќе не сакаат да бидат дел од Интер, а новиот предводник на „нероазурите“ веќе има изјавено дека нема потреба од услугите на Аргентинецот кога е во прашање новата сезона.

Освен желбата на Икарди да направи трансфер само во редовите на Јувентус, зелено светло има дадено и новиот предводник на „дамата“, Маурицио Сари. Со парите кои ќе бидат обезбедени од продажбата на Аргентинецот, Интер ќе го реализира трансферот на белгискиот интернационалец од редовите на Манчестер Јунајтед, Ромелу Лукаку, кој е проценет на 70 мил. евра.