Бугарија не може да поставува нови услови во рамки на македонските евроинтеграции, смета министерот за надворешни работи Бујар Османи, зашто преговарачката рамка е затворена. За да се обезбеди двотретинска поддршка за уставни измени, кои се услов за продолжување на патот кон ЕУ, додава тој, во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ се работи на две патеки.

Преговарачката рамка е затворена, појаснува шефот на македонската дипломатија, и не може да се отвори ниту по барање на бугарската ниту на нашата опозиција.

„Таа тема треба да ја затвориме дека утре може некоја бугарска влада да каже дека имаме нов услов. Немаме нов услов, затворена е преговарачката рамка. Во преговарачката рамка има три патокази, во едниот има акциски план за малцинства, тоа е единствениот услов кој е влезен во бенчмарковите за отворање и затворање поглавја. Тој акциски план не се однесува само на бугарската заедница туку на сите заедници во државата. Се разбира тука ќе треба да се исполнат сите тие услови во однос на еднакви права на сите тие граѓани независно од етничка припадност“, рече денеска Османи.

Преговорите со опозицијата во однос на поддршката за уставните измени, додаде тој, се водат со ВМРО-ДПМНЕ како партија, но истовремено се работи и поединечно преку разговори со пратениците. Рокот за договор, појасни, е додека да дојде моментот за прво гласање за уставните измени во Собранието.

„Работиме на две паралелни патеки – со опозицијата во целина и се разбира со пратениците во Собранието како се отвора јавната дебата таму. До денот кога на пленарна седница ќе го има првото гласање отворени се опциите да има договор со опозицијата по однос на уставните измени вклучувајќи го и планот од три точки што го претставив. Јас се надевам дека во наредниот период од Влада до Собранието ќе биде препратен драфтот, односно предлогот од страна на Комисијата и тука ќе почнат да се бројат роковите. Знаете дека треба прво Комисија да разгледа, па 10 дена предлогот треба да се седи кај пратениците и така да поминат одредени уставни рокови за да се дојде до првото гласање. До првото гласање имаме шанси за договор со опозицијата“, истакна Османи.

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и понатаму остануваат цврсто на ставовите околу уставните измени кои ги дефинираа по лидерската средба.

Пратеничката група на СДСМ го поздравува фактот што Христијан Мицкоски го промени ставот и сега веќе не се противи на уставните измени.

„Менувањето на ставот на Мицкоски е добро за земјата, имаме доближување на ставовите и дијалогот со ДПМНЕ треба да продолжи по оваа нова ситуација. Сега сите политички партии, вклучително и ДПМНЕ се согласни дека овој парламентарен состав има полн легитимитет и целосен мандат да ги спроведе уставните измени за продолжување на европскиот пат. Дополнително, ДПМНЕ нема ништо против внесувањето Бугарите во уставот. После една година ова е значајна промена. Дојдени сме до една точка од којашто треба да се продолжи понатаму да се разговара и да не се навраќаме наназад“, стои во соопштението од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, го повикуваат премиерот Димитар Ковачевски да каже кој од двата предлога, кои ги даде ВМРО-ДПМНЕ, за него е прифатлив.

„Ако Ковачевски се изјасни и прифати еден од двата предлога, тогаш следен чекор е нова лидерска средба. Без да има конкретен одговор, ВМРО-ДПМНЕ не мрда со прст. Предлозите се јасни. Првиот предлог опфаќа формирање на преодна влада без ДУИ и уставни измени со одложено дејство, а вториот предлог предвидува брзи избори оваа есен, а потоа идната опозиција да ја поддржи власта во барање на гаранции од институциите на ЕУ за македонскиот многувековен идентитет, барање на финансиска помош од ЕК и барање Бугарија да имплементира барем три пресуди на ЕСЧП за правата на Македонците. И двата предлога значат забрзана интеграција, со заштитен идентитет“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

(И.С.)