EPA-EFE/HUGO DELGADO

Катар е на удар на бројни организации за човекови права поради кршењето на слободата на работниците кои биле ангажирани за изградба на инфраструктурата на Светското првенство во Катар. Кога во јавноста излезе информацијата дека неколку илјади од нив ги загубија животите, многумина поради несоодветни услови за работа, светот се побуни, дури и некои земји учеснички на Мундијалот. Навивачите на Борусија од Дортмунд цврсто веруваат дека Светското првенство во Катар е тотален неуспех, срам и грешка на светските фудбалски сили, а еден од оние кои го кренаа гласот е и фудбалерот на Манчестер Јунајтед и португалската репрезентација, Бруно Фернандеш.

  • Знаеме што го следи ова Светско првенство, во каква средина се одржува, што се случуваше во изминатите неколку недели, изминатите месеци, знаеме за луѓето кои загинаа на градилиштата. Воопшто не сме среќни поради тоа, изјави Фернандеш, кој патот до СП го трасираше со победата од 2:0 во бараж мечот против Македонија.

Во извештајот на Гардијан од 2021 година, објавена е информација дека 6.500 работници загинале во изминатите десет години, при изградбата на стадионите и другите придружни објекти за Светското првенство.

  • Ова не е најдобриот момент во кој сакаме да играме Светско првенство. Мислам дека тоа важи за сите, за играчите и навивачите. Децата ќе одат на училиште, луѓето ќе бидат на работа и времето на натпреварите не е најдобро за луѓето кои сакаат да ги гледаат. Сите мора да бидат вклучени за Светското првенство бидејќи Светското првенство е за секого. Вакви работи овде во Катар не треба да се повторуваат. Светското првенство е повеќе од фудбал, тоа е забава за играчите и навивачите… Тоа мораше да се направи на подобар начин, додаде Фернандеш.