Ботас може да му ја украде титулата на Луис Хамилтон

86

Поранешниот шампион во Формула 1, Германецот Нико Розберг, смета дека Валтери Ботас ја има потребната брзина за да му биде конкурент на својот тимски колега Луис Хамилтон кога во прашање е титулата оваа година.

Ако некој знае да му ги помати сметките на актуелниот шампион тоа секако е Нико Розберг, кој во 2016 година ја освои титулата пред Хамилтон, кога двајцата ги бранеа боите на Мерцедес. Веднаш по титулата Германецот се повчеле од најбрзиот циркус на денешницата, па Хамилтон ја продолжи доминацијата.

Розберг моментно е стручен консултант за телевизијата „Скај“, од каде му порача на Финецот Ботас дека може да му ги помати сметките на Хамилтон.

  • Мислам дека Ботас е многу подобар од она што луѓето мислат во последно време. Како се ближи почетокот на сезоната мислам дека има добра шанса да се постави на многу подобра позиција, па дури и да го загрижи Хамилтон. Мислам дека тоа е можно сценарио. Тоа секогаш зависи од стартот на сезоната. Минатата година имаше лоша среќа, но доколку има среќа годинава и ако има добар старт тоа ќе биде целосно поинаква ситуација, истакна Розберг.

Германецот додаде дека посакува да види „војна“ помеѓу трите најдобри тимови во моментов, Мерцедес, Ферари и Ред Бул.

  • Потребни се нови дуели, па најдобриот нека победи. Мерцедес беше најдобар во последно време, но сите посакуваме да одлучуваат милиметри, сакаме вистинска акција. Се надеваме дека и тимот на Ред Бул ќе влезе во војна на првите два тима. Постои можност. Постои можност за такво нешто бидејќи правилата се променија, изјави синот на поранешниот шампион Кеке Розберг.