Борел: Нема да добиете подобра зделка од ЕУ, време е за уставни измени! 

Ова е клучна година за македонските евроинтеграции и договорот од јули лани е најдобрата зделка што Македонија може да ја добие од ЕУ, порача високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел. Борел побара земјава да ги подобри односите со соседите и да создаде услови за усвојување на уставните измени и предупреди дека не е реално да се очекува дека ќе се создаде можност за повторно отварање и преговарање за Преговарачката рамка. Еврокомесарот Вархеји рече дека треба „и Владата и Собранието да ја забрзаат работата на реформите“. Премиерот Ковачевски истакна дека нема препрека за втората меѓувладина конференција, но поради неодговорното однесување на опозицијата првпат може самите да се блокираме. Брисел очекува и резултати од истрагите за корупција на високо ниво.

71

Оваа година е клучна и по договорот од јули минатата година ова е најдобрата зделка што можете да ја добиете. Сега е време политичките партии да покажат одговорност, порача од Скопје високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел. Борел беше дециден дека за да стигне земјава во ЕУ, треба да продолжи да оди напред како држава и како општество, а тоа значи и да ги подобри односите со соседите и да создаде услови за усвојување на уставните измени и предупреди дека не е реално во земјава да се очекува дека ќе се создаде можност за повторно отварање и преговарање за Преговарачката рамка. Сепак, шефот на европската дипломатија уверува дека иднината на Македонија е во Европската Унија, а запрашан дали во комуникацијата со ВМРО-ДПМНЕ ја поттикнува да даде поддршка за внесување на Бугарите во Уставот, Борел рече дека покрај тоа што е оптимист како еврокомесарот за проширување Вархеји, тој е и активист. Борел потсети дека земјава се обврзала на промена на Уставот.

-Не сум само оптимист, туку и активист. Мислам дека мора да работиме за нештата да се случат. Северна Македонија се обврза дека ќе го смени својот Устав, во него да ги вклучува граѓаните кои живеат границите на државата и кои што се дел од други националности, како што се Бугарите. Нема тука ништо чудно. Ако ја погледнете најновата членка на ЕУ, Хрватска има најмалку 22 заедници кои живеат во државата. Вашата држава веќе дава одличен пример на мултиетничко општество. Измената на Уставот само ќе ги унапреди основните права, изјави потпретседателот на Европската комисија на заедничката прес-конференција во владата со еврокомесарот Вархеји и македонскиот премиер Димитар Ковачевски, по состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација.

Идентитетот не е загрозен

Високиот гостин уште еднаш нагласи, дека нашиот идентитет не е загрозен со пристапувањето во ЕУ.

– Мислам дека вашата држава веќе дава одличен пример на мултиетничко општество. Поради тоа промената на Уставот само понатаму ќе ги унапреди основните права и не се сомневам дека со тоа ќе се зачува македонскиот идентитет, а истовремено и ќе се напредне процесот на пристапување. Вашиот идентитет ќе биде апсолутно зачуван, бидејќи луѓето имаат и неколку идентитети. Нема да бидете помалку од тоа што сте, само бидејќи ќе станете земја членка на ЕУ. Мислам дека е многу важно тоа да се нагласи. Досега сте работеле на напредување на процесот на пристапување и натамошен напредок е неопходно да се исполнат обврските кои што ги презема Северна Македонија. Мислам дека е јасно, рече Борел.

Борел истакна дека со тоа што Советот за стабилизација и асоцијација, кој е највисокиот политички форум за дијалог помеѓу Европската Унија и држава кандидат се одржува во Скопје, ЕУ покажува колку го цени прогресот што го има постигнато Македонија на нејзиниот европски пат.

-Тоа е и знак колкаво значење му придаваме на нашиот однос со Северна Македонија како идна членка на ЕУ. Тоа што го одржавме овој совет е јасен знак дека ЕУ ви се приближува и ви покажува дека Западниот Балкан е и ќе продолжи да биде и во иднина клучен приоритет за ЕУ и важен дел од нашата геополитичка димензија. Минатата година во јули, врз основа на рамката за преговори која беше договорена помеѓу сите 27 земји членки на ЕУ, Северна Македонија ги отвори преговорите за пристапување. Тоа е важен ден и во историјата и на патот на Северна Македонија кон ЕУ. Вратите за целосно членство се сега отворени, изјави Борел.

Оптимизам – опис на работното место на Вархеји

Еврокомесарот за преговори за проширување и добрососедска политика Оливер Вархеји порача дека е важно државата да не забави, туку да ја забрза својата работа на реформите. Најави забрзување на темпото на работата за пристап на земјата во ЕУ, но исто така нагласи дека треба „и Владата и Собранието да ја забрзаат работата на реформите“. Тој истакна дека е потребно национално единство за членството во ЕУ и порача дека Унијата ќе продолжим да работи за да го забрза темпото. Побара поддршка од граѓаните, бидејќи како што кажа на Европа и треба ваквата поддршка. Вархеји е оптимист дека земјава може да стане членка на Европската Унија до 2030 година. Тој рече дека доколку Македонија испорача и ги исполни условите за влез во ЕУ ќе има позитивни одлуки од страна на ЕУ.

-Како прво секогаш сум оптимист за членство во ЕУ. Тоа ми е дел од описот на работното место. Одговорот е да. Апсолутно сум оптимист. Кажавте 2030 година, тоа јас не можам да го кажам, може да биде порано, може да биде подоцна. Се зависи од испораката на реформите од страна на Северна Македонија. Ние од наша страна сметам дека дадовме многу јасни и силни сигнали, ако ги погледнете дискусиите на нашите шефови на влади и држави изминатите години ќе видите дека проширувањето е приоритет за нашите лидери и за ЕУ, рече Вархеји.

И според Вархеји, одржувањето на 16. Состанок на Советот за стабилизација и асоцијација во Скопје е показател за високото ниво на ангажман кое ЕУ го има со земјава.

Ковачевски загрижен да не се блокираме сами

Премиерот Ковачевски рече дека нема препрека за втората меѓувладина конференција, но поради неодговорното однесување на опозицијата првпат може самите да се блокираме. Тој ја повика опозицијата да размислува стратешки и она што декларативно го кажува да го спроведе и во пракса и да се вклучи во носењето на важните одлуки.

– Една од одлуките што ние треба да ја донесеме до финално зачленување во ЕУ е усвојување на уставни амандмани со двотретинско мнозинство. Ќе повторам, иако сум кажал повеќе пати. Ова не е процес на еден човек, една политичка партија или една влада, ова е процес за целата држава. Обврска е на сите политички партии и пратеници во Собранието е да се носат одлуки со кои се обезбедува стратешки цели на државата, а тоа е членство во ЕУ. Длабоко сум уверен дека во Собранието постои капацитет и визија да се донесат потребните одлуки со кои што државата ќе го продолжи и успешно ќе го заврши зачленувањето во ЕУ, изјави Ковачевски.

Во однос на уставните измени, Ковачевски посочи дека веќе е во формирање работна група во Министерството за правда, во која ќе бидат вклучени експерти по уставно право и експерти предложени од политичките партии, вклучително и од опозицијата.

Претходно, во обраќањето на почетокот на Советот за стабилизација и асоцијација со ЕУ  Ковачевски, како што соопшти Владата, истакна дека овој состанок на Советот има историска димензија, бидејќи по 22 години од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и 17 години по стекнувањето на кандидатскиот статус, го одржуваме со започнати преговори за членство на Северна Македонија во Европската Унија, како членка на НАТО.

На состанокот во Скопје било заклучено дека се потребни постојани напори за да се обезбеди независност, професионалност, транспарентност и непристрасност на судскиот систем. Особено е важно Северна Македонија да продолжи со истрагите, гонењето и правосилните пресуди во случаи на корупција, вклучително и на високо ниво.

Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) којашто стапи во сила на 1 април 2004 година, ја претставува рамката за спроведување на договорните односи, сѐ до приемот на Македонија во Европската Унија.

Борел и Вархеји потсетија на пакетот од 72 милиони евра за најранливите категории граѓани погодени од енергетската криза, како и на останатите грантови кои земјава ги доби од ЕУ. Борел најави и дополнителни 9 милиони евра од Европскиот фонд за мир за поддршка на македонската Армија за подобрување и надградба на опремата на нејзината Лесна пешадиска баталјонска група. (В.С.Н.)