Од лето ќе почне да се гради нова терминална зграда на охридскиот аеродром

103

Со нова терминална зграда ќе се овозможи поголем капацитет и развој на охридскиот аеродром, којшто е класичен туристички аеродром, со најголем интензитет на летови во текот на летната сезона, но неговото значење за регионот е огромно. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски неодамна најави дека од средината на годинава ќе почне реализацијата на овој проект кој ќе се прави во координација со операторот ТАВ Македонија.

Детали околу тоа како ќе изгледа новата терминална зграда, и што таа ќе содржи не се кажуваат се додека не се потпише договорот. Постојната терминална зграда на Охридскиот аеродром последен пат беше комплетно ремонтирана и проширена во 1995 година.

– ТАВ Македонија ги подготвуваат нивните проекти и дел од договор којшто го имаат склучено со државата, а тоа е изградба и на нова терминална зграда во Охрид којашто ќе даде поголем капацитет и можност за развој на охридскиот аеродром – вели Бочварски.

Дека има потреба од терминална зграда со поголем капацитет говори фактот што физичкиот обем на сообраќај на охридскиот аеродром е во постојан пораст. Директорот на Агенцијата за Цивилно воздухопловство, Томислав Тунтев, посочи дека во 2014 година имало 45 илјади патници годишно, за да во 2019, година пред корона пандемијата имаше над 300 илјади патници.

– Тоа е големо зголемување и унапредување на физичкиот сообраќај и така и ќе продолжеше. Тоа го сфати и концесионерот и затоа направи план за нова терминална зграда. Во преговори се со Владата, се чека измени и дополнување на Законот за концесии, така што очекувам дека од средината на оваа година ќе започне да се гради нова терминална зграда на охридскиот аеродром. Таа ќе овозможи зголемување на нивото на услуги кои ги дава охридскиот аеродром на патниците, посебно во оние врвни периоди на сообраќајно оптоварување во текот на летните месеци – најави Тунтев.

Од аеродромот „Св. Апостол Павле Охрид“ летаат две авиокомпании (Виз ер, Чаир Ерлајнс) до четири дестинации, а српскиот национален авиопревозник „Ер Србија“ од јуни годинава ќе ги обнови летовите меѓу Белград и Охрид.

Инаку, денеска вицепремиерот Фатмир Битиќи по состанокот со директорот на ТАВ Македонија, Метин Батак, во Владата на која разговараа за динамиката на реализацијата на инфраструктурните проекти кои се реализираат преку ТАВ-програмата, истакнаа дека досега се реализирани 70% од програмата.

– Завршени се 56 проекти во 56 општини низ државата, а тековно се работи на 25 проекти. Само по последниот пресек што се правеше пред шест месеци има реализација на дополнителни 20 проекти. Со овие проекти се реализираат низа значајни објекти за општините. За нив аплицираа самите општини што значи дека се нивна потреба, а ќе влијаат на квалитетот на животот, средени населби, здрава животна средина и подобар живот на граѓаните низ целата држава – посочи Битиќи.

Директорот Батак нагласи дека вкупниот износ на инвестициите на ТАВ за владините проекти е  49,7 милиони евра, а реализацијата на проектите се одвива според предвидената динамика.

– Имаме можност да додадеме вредност за доброто на македонските граѓани финансирајќи ги овие инфраструктурни проекти заедно со Владата и локалните власти покрај нашата основна вредност – аеродромското работење – рече Батак.

(С.Бл.)