Богдановиќ: Бараме општинска полиција да го регулира користењето на електрични тротинети

157

Општина Центар го стимулирa користењето на електрични тротинети со цел да се намали возењето на автомобили, а со тоа да се придонесеме за намалување на сообраќајот и загаденоста. Во таа насока побарав од министерот за локална самоуправа Горан Милевски да се направат измени во законите за да можат општините да имаат своја општинска полиција која ќе го регулира користењето на електрични тротинети, вели градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ

Електричните тротинети беа атракција во големите европски градови, но денес се повеќе се учесници во сообраќајот во Скопје, но во другите градови во државата. Нивното промовирање е во насока граѓаните да ги остават своите автомобили дома, и да одат на работа, или при извршување на други обврски да стигнат со тротинет и на тој начин нема да го загадуваат воздухот.

Но, дали, кога, како и кој може да управува со електричниот тротинет? На овие прашања се обидоа да одговорат учесниците на тркалезната маса одржана во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП). , која е дел од кампањата „Европска недела на мобилност“. При тоа, беше нагласено дека во нашата земја нема дефиниција за електричните тротинети.

– Прво и основно, немаме дефиниција за електричните тротинети. Второ, кој треба да го употребува, на која возраст треба да го управува, лицето како треба да биде опремено за да може тротинетот да го управува, на кој дел треба да се движи, на велосипедски патеки или на некои специјални тротоари што ќе се направат – рече претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска.

Град Скопје и некои скопски општини со субвенции го стимулираат купувањето на електрични тротинети.

– Општина Центар го стимулирa користењето на електрични тротинети со цел да се намали возењето на автомобили, а со тоа да се придонесеме за намалување на сообраќајот и загаденоста. Во таа насока побарав од министерот за локална самоуправа Горан Милевски да се направат измени во законите за да можат општините да имаат своја општинска полиција која ќе го регулира користењето на електрични тротинети – истакна градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.

Тој потенцира дека огромни се инвестициите за да се ослободуваат тротоарите.

– За два години ќе ја постигнеме целта, а тоа е Центар да биде покриен со велосипедски патеки, односно со патеки каде ќе можат да се движат – истакна Богдановиќ.

Општина Центар го поттикнува користење на електрични возила и со тоа дава придонес во намалување на аерозагадувањето и заштитата на животна средина со тоа што ги ослободи од наплата за паркинг електричните и хибридни возила, постави полначи за струја на паркиралиштата на ЈП „ПОЦ“ во соработка со ЕВН, има четири електрични возила во службата на ЈП „ПОЦ“, субвенционира купување на е-тротинети и е-велосипеди и создава инфраструктура – вело патеки и паркиралишта.

(С.Бл.)