Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони попладнево ја напушти болницата по еднодневни прегледи, речиси една година откако беше заразен со коронавирус.

Тој мораше да биде примен во болницата Сан Рафаел во Милано во четвртокот, потврди портпаролот на неговата партија Форца Италија.

Денеска Берлускони (84), сепак, беше отпуштен од болница. Потребните детални прегледи и проверки беа завршени, јавија италијанските медиуми.

Берлускони се зарази со коронавирус во септември минатата година. Оттогаш, лидерот на конзервативната партија, која е дел од актуелната влада на премиерот Марио Драги, редовно е хоспитализиран заради прегледи поради последиците.

Берлускони беше италијански премиер вкупно четири пати меѓу 1994 и 2011 година.