Двократниот ракометен европски шампион, тимот на Вардар досега требаше да има одиграно три натпревари во Лигата на шамионите, но поради корона кризата која го зафати и спортот му беа одложени два меча со норвешкиот Елверум и унгарскиот ПИК Сегед. Избраниците на тренерот Стевче Алушовски го одиграа само натпреварот со Мешков Брест на гости во Белорусија, а односот на челниците на куќата на ракометот предзвика револт кај првите луѓе на македонскиот тим.

  • За мене е несфатливо како Тотенхен можеше, а Елверум не можеше да дојде во Скопје. И Швајцарија има строги протоколи, па Криенс дојде да игра меч со Металург. Несфатливо е дека ПИК Сегед беше во Полска, а потоа дома не можеше да организира средба. Но, се менуваат многу правилата. Се надевам дека нема да дојдат уште полоши времиња. Клубот се спасува од колапс, дојде човек што го сака, и ете немаме натпревари, не можеме да ја подигнеме форма да дојдат и нови спонзори во клубот. Мораме на тренинг добро да тренираме, секој играч да биде фокусиран. Само така можеме да се надеваме на добра форма, изјави Алушовски за официјалната интернет страна на РК Вардар.

„Црвено – црните“ имаат одиграно малку натпревари и тоа може да им биде проблем.

  • По турнирот во Струга имам јасна слика. Тогаш бев во заблуда дека некои играчи можат нешто повеќе. Сега имам слика, кој каде и колку може да даде. Сега немам дилеми и знам со кого и како ќе се справиме со Флензбург. Ни треба натпреварувачка форма. Ние ја подигнавме формата до Мешков, но сега не знаеме до каде сме. Јас како тренер знам кој од ирачите колку може, имам јасна слика, вели Алушовски.

Вардар ќе го одигра натпреварот со германскиот Фленсбург на 15. октомври.