ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Спас од негативци

673

Позитивната енергија е природна состојба на човечките битија, така што нејзината моќ најдобро ќе ја спознаеме кога барем делумно ќе се исчистиме од работите што ја попречуваат. Впрочем, не постои само материјалистичкиот начин на восприемање на животните вредности, туку дека за вопоставување на добриот и хармоничен живот, неопходно е да се експонираат начелата на хуманистичката етика и позитивната енергија. Тоа ќе го постигнеме доколку научиме да ги препознаваме злото и негативната вибрација и се дистанцираме од нивното штетно влијание. Суштината е во поттикнувањето налуѓето да се движат по патот на доброто, зашто на овој свет, како никогаш претходно, му се потребни позитивно ориентирани поединци.

Како што некои се хранат од примерите на злото и негативноста и на тој начин ги оправдуваат своите лоши постапки, така некои други поседуваат позитивно насочена свест и духовност, која од човекот очекува – да не го игнорира злото и да не му допушта да го завладее неговото битие.

Не постои човек, кој не се почувствувал енергетски исцрпен и не бил „под удар“ на негативците. Во тој контекст, мудро ќе постапиме ако ја подигнеме својата свесност, со цел да се заштитиме од енергетските вампири и од нивните негативни вибрации. Треба да знаеме дека без осознавање со кого си имаме работа може да го загрозиме своето биополе и да станеме лесен плен за сите грабливци на туѓата позитивна енергија.

Од друга страна, општиот немир пропратен со разни општествени аномалии, меѓусебни судири, потенцијални економски рецесии, појава на ретки болести и пандемични опасности, наметна да се заштитиме од сé што може да ни предизвика тешкотии, болки и страдања. Површноста, лажните вредности, алчноста, себичноста, неводењето сметка за општото добро и неизвршувањето на професионалната должност сериозно се наметнаа.

Човекот секогаш ја има можноста да бира и врз основа на својата слободна волја да определи што ќе следи и практикува во животот. Негова идеја – водилка може да биде моќ, профит, суровост или тенденција за експлоатација и деградација, но може да биде и љубов, сочувство, вредност, духовност и ангажман за општо добро. Луѓето се определуваат и ја бираат патеката на животот. За да го пронајдат вистинскиот пат кон самите себе и кон тоа што е добро, неопходно е да ја развиваат свеста и да го иницираат сфаќањето дека на крајот сé се плаќа и враќа – доброто со добро, а злото скоро секогаш со зло и со негативна карма за себе и за своите поколенија. Со развивање на свеста врз основа на позитивната вибрација и вистинските вредности, луѓето ќе можат да бидат припадници на нешто што е вредно и создавачи на добра карма, како за себе, така и за семејството и општеството во кое живеат, на кое му припаѓаат и во кое создаваат.

Позитивните вредности мора да се крепат, штитат и создаваат, зашто ако се седи на страна и се остави злото и негативните вибрации да доминираат со сеопштото, тогаш какви ќе ни бидат шансите за мирен и хармоничен живот, кои ќе исчезнат дури и за „неутралниот“ поединец. Верувањето во Бога или во космичката интелигенција, подразбира ангажман во името на доброто и позитивното и свест за духовното. Да се биде духовен, пред сé асоцира на етичко, хумано и одговорно постапување, така што и атеистот, кој се води според начелата на моралот и позитивноста, станува духовно воздигнат поединец.

Сите ние треба да знаеме дека духовниот мир и хармонијата се најскапоцените вредности во животот! За да ја почувствуваме нивната убавина, неопходно е да се дистанцираме од лицата кои не знаејќи што со себе и со своите наталожени фрустрации, манифестираат негативна енергија и се обидуваат сопствените слабости да ги маскираат со напаѓање на другите. Таквите личности е исклучително тешко да ги одоброволиме и задоволиме, бидејќи водени од законот на отпорот и негацијата – тие ниту сакаат, ниту умеат да препознаат што е добро и позитивно во животот.

Сознанието дека на земјата не се движат само добрите и духовните, побудува неизвесност и страв за сопствената егзистенција. Иако не постојат совршено добри луѓе, како што и ретко може да се наиде на радикално лоши луѓе, сепак потребата да се откријат карактеристиките на добрите и лошите поединци, отсекогаш го окупирале човековото внимание. Меѓутоа, недостигот на критериум за тоа што е добро, а што лошо, доведува до ситуации на  релативизирање и на едното и на другото. Затоа, во јавноста често се провлекува тезата, дека не може така лесно да се каже што е добро, а што зло. Тоа е така бидејќи постојат поединци кои и на најсветлото, ќе му пронајдат некоја црна дамка, како што и на најтемното, ќе сакаат да му додадат некоја светла нијанса.

Философите отсекогаш си го поставувале прашањето: Дали навистина, како што тврдел Томас Хобс: „Човек на човека му е волк“ или можеби е полош и од волкот (зашто волците меѓусебно не се убиваат, освен ако се животно загрозени)? Според арапскиот философ Авицена, човечкото суштество по природа не е ниту добро, ниту лошо, но има поголема наклонетост кон доброто. Подоцна човекот еволуира под влијание на околината и на образовно-воспитниот систем. Ако се навикне на злото, тој станува лош, а ако се навикне на добрината тој станува добар. Слично размислување за вредноста на воспитувањето и образованието искажал и Жан-Жак Русо. Тој сметал дека растенијата се облагородуваат со негување, а луѓето со воспитување.Овие согледби покажуваат оти со вежбање и навика може да се стане добар, зашто во природата на човекот е да биде благороден, емпатичен и хуман – вредности кои под пресијата на негативните цивилизаторски придобивки и лошите општествени околности, почнуваат постепено да исчезнуваат.

Некои луѓе не можат да замислат дека постојат поединци, кои можат константно да ги лажат, манипулираат, повредуваат и измамуваат. Негативците, без да имаат ималку совест, шират невистини, озборуваат и копнеат да го уништат угледот на секој оној, за кој потсвесно знаат дека е многу поуспешен, повреден и почовечен од што се тие самите.

Најдобро е да се тргнеме од таквите лоши и завидливи лица, бидејќи тие се мошне слаткоречиви и вешти манипуланти. Секогаш тежнеат да ги контролираат, повредуваат и обезвреднуваат другите, така што не треба емоционално да се возбудуваме поради нивните навреди, кои всушност имаат функција и вредност самодоколкусе прифатени од наша страна.

Корисно е да имаме на ум, дека негативците се безмилосни кога се во прашање нивните интереси. Бараат топлина, искреност и посветеност, но истото не го возвраќаат. Немаат емпатија за туѓите болки и не знаат што е покајување. Било какво комуницирање или другарување со таквите лица, може да претставува голема опасност за нашиот психофизички хармонитет.

Негативците сметаат дека се центар на Универзумот и дека сé треба да се врти околу нив и сé да биде како што тие размислуваат и посакуваат, без притоа да покажат трошка чувство за туѓите права и елементарни потреби. Таквите поединци не сфаќаат дека и другите имаат свои желби, емоции, права и потреби, така што наместо да покажат емпатија, тие размислуваат дека се најдобрите, најубавите, најпаметните, најсовршените. Првата лекција која треба да ја научиме во контактот со таквите личности е да не им се докажуваме и да го бараме виновникот, да немаме превисоки очекувања и да зависиме од нивното расположение, туку да си го побараме својот мир и да го следиме својот пат. Зашто, тоа што е наше ќе си дојде, а тоа што мора да биде – нека биде, така како што е проречено од наречниците, Бог или судбината.