Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска се обрати пред присутните високи претставници на банките, државните институции, Европската банка за обнова и развој и Европската Унија, на свеченоста што деновиве по повод на плодната соработка ја организира Инвестицискиот фонд за зелен раст. Таа се осврна на едно од најважните прашања во светот – климатските промени. Беа посочени оцените според кои климатските промени го намалуваат глобалниот економски раст за 0,4 п.п., со поизразен ефект во економиите во развој (0,7 п.п.), притоа имајќи го предвид негативното влијание од сè почестите рекордни суши, топлотните бранови и поплавите коишто предизвикаа страдања и огромни загуби на секој континент. Гувернерката дополни и дека е особено важно ефектите од климатските промени да се составен дел од водењето политики на централните банки, особено во помалку развиените економии коишто вообичаено се многу чувствителни на климатските ризици, но немаат соодветни фискални и финансиски ресурси за нивно ублажување.

Климатските ризици беа тема и на средбата меѓу раководството на Народната банка и претставниците на еден од водечките светски менаџери со средства „Финансии во движење” и на Инвестицискиот фонд за зелен раст, советуван од компанијата, предводени од претседателот на Одборот на директори на Фондот, Кристофер Ноулс и извршната директорка на „Финансии во движење”, Елвира Лефтинг.  Гувернерката Ангеловска-Бежоска во разговорот кажа за ризиците од климатските промени и потребата за зелено финансирање, односно за зголемување на финансирањето зелени проекти, како неминовност за банкарскиот сектор.

-Ова е особено важно прашање за нас, како и за централните банки во глобални рамки. Нашите заложби во доменот на зелените финансии ќе се засилат во наредниот период во согласност со неодамна донесениот Среднорочен план за активностите на Народната банка во доменот на управувањето со ризиците поврзани со климатските промени за периодот 2023 ‒ 2025 година”, истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.  

Претставниците на „Финансии во движење” и Инвестицискиот фонд за зелен раст ја посочија како добар пример посветеноста на Народната банка на предизвиците коишто ги наметнуваат климатските промени. Инвестицискиот фонд за зелен раст, оформен во 2009 година како иницијатива на Европската инвестициска банка и Германската банка за развој.