Бакингемската палата склопила тајна спогодба со британските медиуми? Принцот Хари на суд ја обелодени вистината

135

Принцот Вилијам, наводно постигнал спогодба со News Group Newspapers (NGN) во 2020 година, во случај на хакирање на неговиот телефон, и тоа за „голема сума“, а ова го обелоденија адвокатите на неговиот брат, принцот Хари, на суд.

Помладиот син на кралот Чарлс ја тужеше истата медиумска компанија пред Високиот суд во Лондон за незаконско собирање информации за неговиот приватен живот за потребите на таблоидите во периодот од средината на деведесеттите до 2016 година, пренесува Ројтерс.

Додека траеше сослушувањето, адвокатот на војводата од Сасекс рече дека НГН веќе се договорила со Вилијам „за многу голема сума пари во 2020 година“ на слична основа, и додаде дека истата куќа имала „таен договор“ со Бакингемската палата, според кој членовите на британското кралско семејство нема да покренат тужби против таблоидот NGN додека не се решат другите спорови за хакирањето на телефоните.

Во документот се цитира изјавата на сведокот на Хари во која се вели дека принцот рекол дека договорот е постигнат за „да се избегне ситуација во која член на кралското семејство ќе мора да седи како сведок и да раскажува конкретни детали за приватните и многу чувствителни гласовни пораки кои биле пресретнати“.

Хари рече дека Бакингемската палата „сакала да го избегне ова по секоја цена“, бидејќи не можело да се дозволи дополнително нарушување на репутацијата по објавувањето на детали од „интимен телефонски разговор“ меѓу Чарлс и актуелната кралица Камила во 1990-тите, кога Чарлс бил сѐ уште во брак со принцезата Дијана.

Во меѓувреме, Хари го тужеше NGN за хакирање на неговиот телефон и измама за добивање приватни информации за него, како и за добивање на социјалниот број на неговата сопруга Меган.

НГН, пак, бара судијата да го отфрли случајот, бидејќи принцот „реагирал предоцна“.

Се очекува рочиштето да трае три дена и судијата да одлучи дали ќе продолжи со судењето, кое во тој случај би започнало дури во јануари следната година.
Инаку, војводата од Сасекс моментално води неколку правни постапки против британските медиуми, откако минатиот месец се појави пред Високиот суд на прелиминарното рочиште против групата „Асошиејтед веспејперс лимитед“.