Во Јапонија бебиња се натпреваруваат во дисциплина „сумо плачење“ – победник е она што прво ќе заплаче

58
EPA/FRANCK ROBICHON

Неколку десетици бебиња кои плачеа се соочија едно со друго во традиционалниот јапонски ритуал на „сумо плачење“ за кој се верува дека им носи добро здравје на децата.

Фестивалот се одржа за прв пат по четиригодишна пауза поради пандемијата на коронавирусот.

Во придружба на нивните родители, бебињата, кои носеа традиционални церемонијални престилки за сумо борење, се натпреваруваа во храмот Сенсоџи во Токио, пренесува Бета.

Во тој ритуал не станува збор за напуштање на арената. Победник е оној кој прв ќе заплаче.

За да ги охрабрат, возрасните шетаат околу нив носејќи демонски маски, надевајќи се дека ќе ги исплашат.

„Можеме да дознаеме какво е здравјето на бебето слушајќи го неговиот плач“, изјави Хисае Ватанабе, мајка на осуммесечното бебе.

„Денес моето бебе можеби не плаче многу, но сакам да го слушнам нејзиниот здрав плач“, рече таа.

Ритуалот се одржува во храмовите низ Јапонија и привлекува голем број гледачи.

Претседателот на Туристичката федерација Асакуса, организатор на настанот, рече дека некои луѓе можеби мислат дека е страшно бебињата намерно да се расплакуваат.

„Меѓутоа, во Јапонија веруваме дека бебињата кои гласно плачат растат здрави“, вели Шигеми Фуџи.

Правилата варираат од регион до регион. Во некои места, родителите се надеваат дека нивното дете прво ќе заплаче, а во други региони, губитникот е првиот што плаче.