Африканската чума и птичјиот грип во фокусот на конференцијата за здравје на животните

33

Николче Бабовски, директор на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) и генерален секретар на регионалното претставништво на Светската организација за здравствена заштита на животните за Европа – WOAH, вчера во Брисел, Белгија, учествуваше на министерската конференција за здравје на животните – „Биосигурност и вакцинација основни алатки за превенција, контрола и ерадикација на болестите кај животните“.

– Посебно внимание се посвети на состојбите со болестите африканска чума кај свињите и високопатогениот сој на птичји грип. Станува збор за две многу важни епизоотски болести, со значителен зоонотски потенцијал, како што е случај со високопатогениот сој на птичји грип. Нагласен беше напредокот во вакцинацијата против овие и сега две актуелни болести кај животните. Од еминентни стручњаци од Белгија и Италија беа презентирани биосигурносните мерки кои ги имплементираат овие земји и мерките кои ги преземаат во справувањето со  болестите кај свињите и живината – рече Бабовски.

За состојбата со вакцинацијата против болеста птичји грип, на конференцијата беше споделено англиското, француското и холандското искуство, а висок претставник од Генералниот директорат за здравје и безбедност на храната на Европската комисија, ги презентираше новините во европската легислатива за борба против оваа болест кај птиците.

– На настанот беше потенцирана важноста од поврзаноста на здравјето на луѓето, животните и растенијата, поттикнувајќи ја свесноста за исклучителната важност на здравјето на животните во пошироката филозофија на пристапот Едно здравје (Оne Health) – вели Бабовски.