Анчелоти цупка во место поради Елмас

183

Не само најавените фанови, туку и трофејниот италијански стручњак Карло Анчелоти со нетрпение ја очекува реализацијата на веќе најавениот трансфер на репрезентативецот на Македонија, Елиф Елмаз. Италијанските медиуми веќе со денови пишуваат за нашиот интернационалец кој прашање е само денови кога и официјално ќе биде претставен како најнова милионска аквизиција на калчолигашот Наполи.

Стандардниот првотимец во дресот на турскиот гигант Фенербахче е на низок старт кога е во прашање преселбата на „Сан Паоло“, а двата клуба се на добар пат да постигнат договор околу обесштетувањето кое нема да биде помало од 16 мил. евра. Во последното интервју кое го даде за познатиот портал „Калчомеркато“, предводникот на „азурите“ откри дека посакува трансферот на Елмас да биде комплетиран пред стартот на вториот дел од подготовките за новата сезона.

  • Мислам дека сме многу блиску до потписот на Елмас и се надевам дека сè ќе биде договорено во најбрз можен рок. Станува збор за многу интересен фудбалер и можам да потврдам дека треба да се договорат само уште последните детали од неговиот трансфер. Се надевам дека прво ќе пристигне во нашата тренинг база „Димаро“, а потоа ќе отпатува со останатите играчи во Трентино, изјави Анчелоти.

Фудбалските медиуми на Апенинскиот полуостров имаат само пофални зборови за македонскиот интернационалец кој е опишан како офанзивен играч за врска, кој постојано им помага и на дефанзивците, а според раководните лица на Наполи, Елмас треба да биде совршен партнер на шпанскиот интернационалец Фабијан Рузи.

Новата сезона Наполи ќе ја стартува со амбиција да стави крај на доминацијата која Јувентус веќе осум години ја има во Серија А, но „азурите“ најавуваат одлични резултати и во групната фаза од Лигата на шампиони.