Али паша Јанински не е на листата за именување на улици

206

Комисијата за именување на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје го исфрли името на Али паша Јанински од предлог-листата за имиња на улиците во Скопје. Одлуката на оваа комисија доаѓа по реакцијата на една од заедниците во нашата земја во врска со името на Али паша Јанински, а со цел никој во градот да не се чувствува засегнат или навреден од именувањето на улица или инфраструктурен објект.

По предлог-листата утре ќе одлучува Советот на Град Скопје. Станува збор за листа од 570 нови и стари имиња на жени, мажи, места, поими кои може да бидат искористени за назначување на инфраструктурни објекти на територијата на градот Скопје.

– Надополнувањето на базата од која може да се одбира за назначување на улици, плоштади, мостови и др. е важно, пред сè, заради сеопфатноста на процесот, во кој беа вклучени и граѓаните преку анкета во 2018 година, и заради опфаќање на имиња кои се значајни за Скопје, а не биле во таа листа или биле избришани во претходни постапки. Гласањето од страна на Советот на Град Скопје е уште еден чекор во целокупната процедура, а оваа листа понатаму треба да биде изгласана и од страна на Владата – информираат од Град Скопје.