АЛАРМАНТНО: Реките и езерата во Македонија загадени со фекалии, хемикалии…

130

Голем дел од реките и езерата во Македонија наликуваат на водни депонии, загадени од отпадните води што се испуштаат во нив. Фекалии, хемикалии, пестициди, но и тешки метали, како кадмиум, олово, хром истекуваат од канализационите цевки долж нивното корито. Со такви непречистени отпадни води (од домаќинствата и од индустријата) што се испуштаат на годишно ниво, би можеле да се наполнат две вештачки езера.

Ова се наведува во анализата „Заштитата на животната средина низ призмата на праксата на Европскиот суд за човекови права – добри и лоши практики во Република Северна Македонија“ што го изготви Центарот за правни истражувања и анализи.

Во анализата се посочува дека реката Вардар е најголемиот проблем, бидејќи поминува низ цела држава контаминирајќи големи водни површини, но и почви. Но, се потенцира дека Вардар не е единствената загадена река во нашата држава.

Како пример се посочува река Брегалница која лани во јуни побеле во близина на штипската населба Македонка, а граѓаните чувствувале миризба на поликолор, при што правно лице е казнето со платен налог во висина од 3.000 евра во денарска противвредност. Слично загадување на реката се случувало и претходно кога таа била обоена во црна, сина и црвена боја, но инспекцискиот надзор утврдил единствено пропусти кај неколку компании што се занимаваат со боење на ткаенини.

Исто така, како пример на загадена река се наведува Маркова река во чие корито без контрола се расфрла градежен и пластичен отпад со што се злоупотребува животната средина и се нарушува биодиверзитетот.

– Токму таков е случајот со трите хидроелектрани кои ја затрупале Маркова Река. Затрупувањето било последица од градежните активности за овие хидроелектрани што се во процес на изградба во погорниот тек на Маркова река. Овие три хидроелектрани воопшто не биле дел од Групацијата за обновливи извори на енергија при Стопанската комора на Северна Македонија – се наведува во анализата.

Се посочува дека главен проблем за ваквата состојба со македонските реки и езера е недостиготот на пречистителни станици што би го спречувале загадувањето на водените површини.

– Во минатите години се пречистувале само од 3 до 5 проценти од водите. Од извршени истражувања е дојдено до заклучок дека во нашата држава годишно се испуштаат непречистени отпадни води со кои целосно би можеле да се наполнат две вештачки езера. Еден од проблемите е недостиг на редовен попис на населението и редовен мониторинг на количествата на испуштање на отпадни води – заклучуваат во анализата.

Поаѓајќи од прашањето дали издавањето на дозволите за користење на вода и испуштање во води ќе обезбеди подобрување на системот на управување со водите, одговорот е негативен бидејќи од достапните податоци во период од 2012 до 2019 година, издадени се вкупно 767 дозволи за води, од кои 82 дозволи за испуштање во води и 685 дозволи за користење на вода. Притоа се забележува дека бројот на издадени дозволи има тренд на опаѓање, што не е показател дека правото за користење на водите е намалено.

Во анализата се нотира дека напорите на надлежните институции вложени во заштитата на животната средина некогаш се успешни, но честопати и недоволни, некоординирани и неефикасни.

(С.Бл.)