„ ‘Инстаграм‘ создава лажни вредности и фрустрации кај младите“, смета Петар Петковски, кого го запознавме преку ликот на средношколецот Бојан во една од најгледаните македонски ТВ-серии ‘Фамилијата Марковски‘ “. Но, она што не е карактеристично за еден средношколец особено за денешно време и она што од друга страна е многу напредно и зрело размислување за некој на тие години е тоа што Петар смета дека не треба секој момент од нашиот личен живот да го споделуваме на социјалните мрежи, а воедно ни откри и зошто тоа е така.

Петар Петковски

„Во врска со социјалните мрежи, сè уште не се чувствувам комотно, и некако сум под притисок кога знам дека луѓето ме гледаат. Нормално дека живееме во време каде што е скоро неопходно да се биде присутен на социјалните мрежи, ама мислам дека не е потребно секој момент од нашиот живот да го споделуваме со сите. Далеку од тоа дека ја сум целосно исклучен од „Инстаграм“ или „Фејсбук“, ама постирам кога ќе посакам нешто да споделам. Луѓето сакаат да дознаат нешто повеќе за твоето друштво, фамилија, девојка… Би сакале да знаат каде излегуваш,  каков тип на музика слушаш и слично. А јас сметам дека моментите кои најмногу ни значат не се снимани со камера и не се постирани на која било социјална мрежа“, вели Петар.

Од друга страна тој во серијата толкуваше лик кој своите проблеми ги решаваше со помош на медиумите, додека во реалноста Петар не верува во среќата на социјалните мрежи.

„Многу ми пречи тоа што „Инстаграм“ создава лажни вредности, наметнува некој норми и луѓето тежнеат кон нереални цели и тоа создава фрустрации кај младите. Не верувам во среќата на социјалните мрежи затоа што никој не го постира својот неуспех, но има и добра страна, многу полесно може да те слушне масата народ, како и во примерот на мојот лик, Бојан, кој во серијата проблемите успешно ги решава со помош на медиумите. Има и многу луѓе што споделуваат интересни мислење и идеи, и јас често знам да се инспирирам од нечиј пост на „Инстаграм“, додава Петар.

Успешниот и талентираниот Петар освен што го сака актерството  е и голем љубител на спорт поради што игра кошарка,  а во зимата обожава скијање, додека пак во потоплите денови сака да вози мотор. Инаку тој сè уште не знае која ќе биде неговата животна професија, но би сакал да има прилика да учествува во некој друг актерски проект. (Маја А.)