Ѕвездата на Милвоки, Јанис Адетокумбо, е прогласен за најдобар дефанзивец во НБА лигата оваа сезона. Тој собра вкупно 432 бодови во изборот на 100 спортски новинари од печатени и електронски медиуми. Втор беше Ентони Дејвис од Лос Анџелес Лејкерс со 200 поени, додека трет Руди Гобер од Јута со 187 бодови.

Гобер беше прогласен за најдобар дефанзивец минатите две сезони, додека Адетокумбо беше втор минатата година.

Статистичките податоци се земени во периодот до 11 март кога сезоната беше прекината поради пандемија на коронавирус. Адетокумбо дотогаш бележеше во просек по 13.7 скокови, 11.5 дефанзивни скокови, како и 1.04 украдени топки и 1,02 блока на натпревар, а со оваа награда му се придружи на Сидни Монкриф (1982/83 и 1983/84) како единствен играч на Милвоки кој бил прогласен за најдобар дефанзивец.

  • Сакам да им се заблагодарам на моите соиграчи. Без соиграчите тоа не би било можно. Знам дека моето име е на овој трофеј, но исто така би можело да биде и нивното, изјави Адетокумбо за „ТНТ“.

Гркот, исто така, е финалист, втора година по ред, во изборот за најкорисен играч – МВП.

Досега само Мајкл Џордан (1987/88) и Хакем Олаџувон (1993/94) се прогласени за најдобар играч во НБА и најдобар дефанзивен играч во истата година.