Автокоманда од денеска се затоплува од топланата Исток во Керамидница, фактурите ќе останат исти

Од денеска корисниците на парно греење во Автокоманда кои беа на Железарското парно, се префрлени на градската мрежа и топлина добиваат од Топланата „Исток“. Со префрлањето на мрежата на топланата „Исток“, корисниците во Автокоманда повеќе нема да имаат нонстоп парно греење, туку како што налага Регулаторната комисија за енергетика, од 6 наутро до 22 часот навечер. Од АД ЕСМ објаснија дека тоа е направено заради оптимирање на трошоците и зголемување на ефикасноста на двата системи за централно греење кои функционираат одделно. - За домаќинствата фактурите нема да бидат зголемени во однос на претходните кои ги добивале од ЕСМ - Енергетика. Деловните потрошувачи и образовните институции кај кои наплатата се врши по мерач ќе плаќаат по пониски тарифни ставови за топлинска енергија, велат од АД ЕСМ

1630

Од денеска корисниците на парно греење во Автокоманда кои беа на Железарското парно, се префрлени на градската мрежа и топлина добиваат од Топланата „Исток“.  Со префрлањето на мрежата на топланата „Исток“, корисниците во Автокоманда повеќе нема да имаат нонстоп парно греење, туку како што налага Регулаторната комисија за енергетика, од 6 наутро до 22 часот навечер.

Велат дека уште во декември лани добиле информација дека такво нешто им спрема досегашниот снабдувач „ЕСМ – Енергетика“, меѓутоа, како корисници досега не добиле никакво известување.

За ова затечен беше и градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски.  Тој преку Фејсбук соопшти дека првата информација дека во тек е ваков процес поврзан со промена на снабдувач со топлинска енергија на домаќинствата во Автокоманда, дознал од писмото што го примил на 06.12.2022 година од Урбаната заедница Автокоманда.

– Следниот ден на 07.12.2022 година, испратив писмено барање до директорот на АД ЕСМ – Подружница Енергетика, Далибор Богдановски со кое побарав средба на која би присуствувал јас и преtставници од Урбаната заедница. Во писмото (кое го објавувам во прилог) истакнав дека поради сериозноста на темата барам средбата да се оддржи во рок од пет дена од поднесувањето на барањето. Со жалење можам да констатирам и да Ве известам дека до денес 01.02.2023 година (среда) сеуште немам добиено никаков одговор на моето барање – потенцира Стефковски.

Според него, спорен е начинот на кој се спроведени активности од страна на службите на Енергетика и ТЕ-ТО, без знаење, информирање и согласност од граѓаните кои се корисници на топловодно греење и имаат склучено полноважни договори за снабдување со топлинска енергија.

– Општина Гази Баба и јас како градоначалник немаме никаква директна законска надлежност по однос на тоа кој снабдувач со топлинска енергија ќе ги снабдува домаќинствата во Автокоманда. Барањата на граѓаните се и мои барања. И затоа ја имате мојата поддршка во остварувањето на Вашите права – напиша Стефковски на Фејсбук.

Од АД ЕСМ во соопштение до медиумите потврдија дека ЕСМ – Дистрибуција на топлина ќе дистрибуира топлина и во населбата Автокоманда, согласно одлуката донесена од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).

– Заради оптимирање на трошоците и зголемување на ефикасноста на двата системи за централно греење кои функционираат одделно согласно лиценците: ЕСМ – Енергетика и системот кој го сочинуваат ЕСМ – Дистрибуција, ЕСМ – Производство и ЕСМ – Снабдување, извршено е одделување на мрежа која се наоѓа во населбата Автокоманда од ЕСМ – Енергетика и нејзино спојување на дистрибутивната со мрежата која ја управува ЕСМ – Дистрибуција и овие две мрежи се сега една функционална целина – изјави Александра Маројевиќ помошник на директорот за производство на ЕСМ.

Таа појаснува дека во постапка согласно Законот за заштита на лични податоци, во наредниот период ќе се изврши преземање на податоците на потрошувачите од претходниот снабдувач ЕСМ – Подружница Енергетика, а новите потрошувачи од населбата Автокоманда, како што кажа, фактурите за топлинска енергија за февруари, кои ќе ги добијат во март и понатаму ќе ги добиваат од ЕСМ – Снабдување со топлина.

– За домаќинствата фактурите нема да бидат зголемени во однос на претходните кои ги добивале од ЕСМ – Енергетика. Деловните потрошувачи и образовните институции кај кои наплатата се врши по мерач ќе плаќаат по пониски тарифни ставови за топлинска енергија – прецизира Маројевиќ.

 

Нагласи дека испораката на топлинската енергија до сите потрошувачите ќе се врши согласно законската и подзаконската регулатива по строго утврдени правила и дијаграми во зависност од атмосферските услови и надворешните температури. А за таа цел отворен е и уште еден, нов пункт за потрошувачи кој се наоѓа во населбата Автокоманда на ул Јани Лукровски бр.8 локал 4.

Потрошувачите ќе треба да склучат нов договор со ЕСМ – Снабдување.

Корисниците од Автокоманда до 2014 година беа на градската мрежа, но поради тоа што беа незадоволни од топлината што им се испорачува, им ги раскопаа улиците низ населбата, потоа беа приклучени кон железарското парно. За вчера во 17 часот беше најавен првиот од повеќето протести на незадоволни корисници на мини плоштадот Коцка во Автокоманда. 

Според нивни информации, во следна фаза на префрлање на градската топловодна мрежа ќе бидат корисниците на Железара, Триангла и Маџари, затоа што, како што велат, ЕСМ –Енергетика биле во тешка финансиска состојба и се планира згаснување на оваа компанија која исто така е дел од АД ЕСМ, со тоа што вработените ќе се префрлат во другите три новоформирани фирми кои го презедоа снабдувањето и дистрибуцијата на парното греење во Скопје.

(С.Бл.)