Смислен план или многу врева за ништо – тензии во предизборието!

Поранешниот претседател на Собранието и долгогодишен политичар, Тито Петковски, вели за весникот ВЕЧЕР дека предизборните кампањи во Македонија, во изминатите 30 години, имаат ист модел. Коментирајќи го однесувањето на Димитар Апасиев, кој со чевел во Собранието, завчера, им удираше печат на амандманите за измени на Деловникот, Петковски вели дека иако изгледа покреативно, во споредба со националистичката пропаганда, и тоа не е оригинална партиска реклама, туку веќе видена работа

1520

Примитивна политичка кампања без трошка креативност и политичка едукација, национализам од најлош вид и популистички кич, се дел од реакциите на политичките аналитичари за случувањата на македонската политичка сцена на само неколку месеци пред претседателските и парламентарните избори.

Серијата скандалозни политички случувања ги отвори поставувањето на споменикот со картата на голема Албанија во Сопот, продолжи со крстот на Попова Шапка, а се надоврза со скандалот во Собранието предизвикан од партијата Левица, па целата јавност можеше да види како пратеникот Димитар Апасиев со чевел им ставаше печати на амандманите за новиот Деловник, а неговиот сопартиец, Борислав Крмов, го оштетуваше инвентарот на говорницата.

Поранешниот претседател на Собранието и долгогодишен политичар, Тито Петковски, вели за весникот ВЕЧЕР дека предизборните кампањи  во Македонија, во изминатите 30 години, имаат ист модел.

– Ние не сме мрднале ниту чекор напред во претставувањето на политичката понуда во борбата за позиции пред избори. Дури мислам дека се одвиваат многу ретроградни процеси. Пиарот на политичките партии е загрижувачки, место да совладуваат нова технологија, нова политичка понуда, нов начин на политичка борба, да нудат меѓусебен дијалог и компромиси за да може граѓаните да видат која партија каде се позиционира и што нуди, ние исто, па исто – национализам, шовинизам, партиска нетрпеливост, физички пресметки. Средствата за политичка борба на политичките партии се многу примитивни, тоа се средства без никаква инвенција и креација, без никаква обученост и едукација, застанаа на тоа само омраза да им се нуди на луѓето – вели Петковски за весникот ВЕЧЕР.

Коментирајќи го однесувањето на Димитар Апасиев, кој со чевел во Собранието, завчера, им удираше печат на амандманите за измени на Деловникот, Петковски вели дека иако изгледа покреативно, во споредба со националистичката пропаганда, и тоа не е оригинална партиска  реклама, туку веќе видена работа.

– Ова во Парламентот ми изгледаше малку покреативно, насилнички, ама покреативно. Но, ова не е оригинален начин на пиар, своевремено Хрушчов го направи тоа како прв човек на тогашниот Советски Сојуз во ОН, тој стана со чевелот и тропна на масата во ОН.  Сакаат да бидат покреативни, ама крајно е вулгарно и недолично, особено во денешни услови на парламентарна демократија. По 32 години место да одиме напред, доживуваме партиите да не комуницираат меѓу себе, не се нуди ништо,  освен за простодушен човек кој е сиромашен гладен, и тој не е третиран соодветно, туку му се нуди нешто со кое само најниската страст може да се разбуди, да го мрази тој другиот, независно дали е политички противник или припадник на друга етничка заедница. Хаотична е состојбата на тој план, мислам дека тонот го даваат алчни и неписмени лидери, кои сакаат само да се позиционираат на власт и да го користат овој осиромашен народ да ги поддржува во таа насока, а тој народ не добива ништо како противвредност на планот на подобрување на животот, здравствената состојба, образованието или подобрување на која било друга сфера од животот. Сè е отидено многу далеку од здравиот разум – вели Петковски.

Екссобранискиот спикер додава дека граѓаните, како избирачи, стануваат соучесници во сопствената несреќа, избирајќи партии кои на преден план нудат национализам, шовинизам и омраза, мавтаат со националистички знамиња и шират популистичка реторика и омраза и тие пак ги гласаат.

Општа е оцената дека шест месеци пред претседателските и парламентарните  избори во Македонија, повеќето партии користат лоша политичка реторика и национализам како пред 30 години, па се добива впечаток дека македонските политичари, во овие 30 години, само направиле круг и повторно се вратиле на почеток.

 СДСМ бара одговорност, ВМРО-ДПМНЕ со осуда

СДСМ побара одговорност за кршењето и фрлањето со хартии кон потпретседателот на Собранието и порачува дека нема да дозволи насилни сценарија, а од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека однесувањето на Левица е сценарио.

– Поради разумот на мнозинството, да не дозволиме во македонското Собрание да се реализира смислено сценарио и обид за предизвикување физички конфликти и хаос. За дивеењето мора да има одговорност од пратениците на Левица. Очекуваме надлежното Јавно обвинителство веднаш да поднесе соодветни кривични пријави – се вели во соопштението на СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ го осуди однесувањето на пратениците на Левица. Од партијата на Христијан Мицкоски велат дека лидерот на Левица, Димитар Апасиев, „би можел да употреби и нуклеарно оружје“.

– Среќа што државата нема нуклеарно оружје, не се сомневаме дека Апасиев би го употребил, онака левтерно и истовремено афектно, насочувајќи го врз Собранието, каде што самиот се наоѓа, чисто да ни покаже колку знае да е опасен ако во бифето му дадат горчливо наместо благо кафе – порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Сметаат дека однесувањето на Левица околу новиот Деловник било сценарио.

– Толку е привидно ова сценарио на власта и Левица што ни Мисовски ни Талат Џафери не го повикаа собраниското обезбедување, кога 10 минути некој го крши Собранието – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери,  пак, информираше дека во пленарната сала на законодавниот дом, припадници на МВР  извршиле увид за направената штета при инцидентот што го предизвикаа пратениците од Левица во текот на амандманската расправа за новиот Деловник, а дека натаму постапката треба да ја води Обвинителството. Колкава материјална штета е направена, дополнително ќе биде соопштено, вели Џафери, кој нагласува дека штетата ќе треба да биде надоместена од пратеникот Борислав Крмов од Левица, кој го искрши мониторот и друг инвентар на претседавачката маса во пленарната сала.

– Ако некој од вработените направи штета на работа, тој го плаќа трошокот – вели Џафери.

Материјалната штета во Собранието ќе биде платена, но штетата од процесот со кој се укина парламентарна демократија е неповратна, возврати пратеникот од Левица, Борислав Крмов.

– Слободно, тоа е најмалиот проблем. Ќе ја платиме штетата, но штетата од процесот што се случи е неповратна. Собранието, на еден начин, се самоукина. Собранието сега е само обичен извршител на Владата и следната влада што ќе дојде на власт, практично веќе нема да има Собрание – изјави Крмов.

Пратениците на Левица во понеделникот  предизвикаа инцидент, во текот на амандманската расправа за новиот Деловник за работа на Собранието. Крмов искрши дел од инвентарот, вклучувајќи и монитор на претседавачката маса, фрлаше со листови на кои беа напишани амандманите, а потоа нему му се придружи и Димитар Апасиев. Инаку, подоцна,  по инцидентот, со 83 гласа „за“, два „против“ и ниту еден воздржан, пратениците го донесоа новиот Деловник за работа на законодавниот дом. Поради неможноста пленарните седници да се одржуваат во салата за седници, до санирање на штетата, тие ќе се одржуваат во големата сала со купола, вклучувајќи го и обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој вчера попладне пристигна во Македонија.

(М.С.)