Ристевска Јорданова: Ако се прифати промената на Уставот, ни претстојат уште многу уцени и блокади

Доколку Македонија не ги спроведе потребните реформи, не може да ги започне преговорите за пристапување во ЕУ и ќе се одвои од Албанија на патот кон Унијата, порача вчера бугарскиот европратеник и известувач за земјава во Европскиот парламент Илхан Ќучук. Малинка Ристевска Јорданова, експерт за ЕУ, во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека пораката што ја испраќа Ќучук е скоро идентична со пораките од македонската власт, а таа се сведува на заплашување дека нема почеток на преговорите без промена на Уставот. Ристевска Јорданова вели дека сѐ повеќе бугарските услови се трансформираат во „пристапни реформи“, а вистинските реформи не само што стагнираат, туку вртоглаво назадуваат. Таа предупредува дека ако промената на Уставот се прифати, ни претстојат уште многу уцени и блокади, кои бугарските претставници ги најавија.

126
Пораката што ја испраќа Ќучук е скоро идентична со пораките од македонската власт, а таа се сведува на заплашување. „Ако не го смените Уставот, нема почеток на преговорите и ќе заостанете во трката за членство.“ Единствено што „виси“ е што Владата тврдеше дека почнале преговорите, сега сѐ повеќе се тврди дека не почнале. Во таа „трка за членство“ нѐ плашат со некакви нови групи за пристапување и можности за брзо членство, за кои нема основа ниту во документи на Унијата, ниту во изјави на нејзини официјални претставници, а воопшто пак – во независни проценки, вели Ристевска Јорданова во изјава за весникот ВЕЧЕР. 

Условите кои Бугарија и Македонија ги договорија мора да се исполнат и доколку земјава не ги спроведе потребните реформи, не може да ги започне преговорите за пристапување во ЕУ и ќе се одвои од Албанија на патот кон Унијата, порача бугарскиот европратеник и известувач за земјава во Европскиот парламент Илхан Ќучук. Ќучук во интервју за БГНЕС предупредува дека доколку Скопје не ги направи овие промени во блиска иднина, земјава ќе остане во групата со Србија, Косово, Босна и Херцеговина, кои се земји со сериозни проблеми со своите соседи.

Илхан Ќучук, бугарски европратеник и известувач за Македонија во ЕП

-Од друга страна, тука е и геополитичкиот предизвик, заедно со тоа, можност Украина всушност да почне да преговара со ЕУ, таа е земја која доби статус на кандидат за членка. Односно, изборот е многу јасен – дали Република Северна Македонија сака да продолжи по својот пат, со реформирање на општествените односи, или ќе се приклучи на друга група која нема јасен патоказ за во ЕУ, вели Ќучук, потенцирајќи дека одлуката е целосно во рацете на македонските политичари.

Според него, во македонскиот Парламент нема единство околу целта за влез во ЕУ, туку се игра со стравовите на македонското општество, а кога станува збор за стратешките цели, како влезот во НАТО и ЕУ, мора да има обединување, кое, вели, за жал не го гледа.

-Никој не поставува дополнителни услови (на Скопје). Ова се условите и двете страни се договорија – Бугарија и Република Северна Македонија. Тие ги изгласаа овие услови во бугарското, односно во македонското Народно собрание. Отсега овие договори мора да се исполнат, вели европратеникот Ќучук.

Дел од познавачите предупредуваат на пораката што Ќучук ја испраќа со именувањето на уставните измени како „потребни реформи“, особено од позиција на известувач за земјава во ЕП. Малинка Ристевска Јорданова, експерт за ЕУ, во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека пораката што ја испраќа Ќучук е скоро идентична со пораките од македонската власт, а таа се сведува на заплашување. „Ако не го смените Уставот, нема почеток на преговорите и ќе заостанете во трката за членство.“

Малинка Ристевска Јорданова, експерт за ЕУ

-Единствено што „виси“ е што Владата тврдеше дека почнале преговорите, сега сѐ повеќе се тврди дека не почнале. Но, тоа признание во моментот не е најбитното. Побитно е што во таа „трка за членство“ нѐ плашат со некакви нови групи за пристапување и можности за брзо членство, за кои нема основа ниту во документи на Унијата, ниту во изјави на нејзини официјални претставници, а воопшто пак – во независни проценки. Уште побитно е што како поминува времето, сѐ повеќе бугарските услови се трансформираат во „пристапни реформи“ – нешто на што предупредивме уште пред три-четири години, кога тие прв пат излегоа на виделина и станаа главна тема на македонскиот пат кон ЕУ. Вистинските реформи одеа на втор план, да дојдат до точка кога не само стагнираат, туку вртоглаво назадуваат, вели Ристевска Јорданова во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Таа предупредува дека промените на Уставот би биле само вовед во еден мачен процес, во кој бугарските услови ќе станат дел од „реформите“ преку неколку канали.

-Првиот е имплементацијата на изменетиот устав. Вториот канал би бил вметнувањето на договореното од фамозниот Протокол (Записник) во кластерите/поглавјата, во сите фази од процесот. (а ги има многу) Третиот канал би бил следењето на спроведувањето на договореното според Записникот/Протоколот, како што предвидува Преговарачката рамка. Така што, доколку овој прв чекор – промената на Уставот се прифати, ни претстојат уште многу уцени и блокади (кои реално бугарските претставници ги најавија) и многу можности за заплашувања дека ќе испаднеме од некоја трка или ќе бидеме изолирани. Ова не се „нови барања“, ова е само реализација на досега поставените барања од бугарска страна (кои се вметнати во механизмот на преговорите). Ако ова не е доволно, да се потсетиме дека бугарската страна никогаш не ветила дека нема да има и други барања, вели во изјава за весникот ВЕЧЕР, Малинка Ристевска Јорданова, експерт за ЕУ.

Ристевска Јорданова потсетува дека известителот Ќучук во јуни беше жестоко нападнат на бугарската домашна политичка сцена за Извештајот за Македонија, кој сѐ уште не се најде на дневен ред за усвојување од Европскиот парламент и заострувањето на неговиот тон може да се чита и во овој контекст.

Македонија до пред некоја година бараше Брисел да одлучува одделно за евроинтеграциите на Македонија и на Албанија, а не да одиме во пакет. Во 2019 година, Европската комисија суптилно ги одвои Македонија и Албанија, кога имаше ист текст на препораката за почеток на преговори за двете земји, но кај Албанија потоа наведе и дополнителни услови, а сега веќе заостануваме и Албанија бара од Европската унија да не ја чека Македонија, поради бугарското вето. (В.С.Н.)