Општина Карпош ќе го обжали планот пред Уставниот суд

120

– Овој план треба да се обжали пред Уставниот суд. Тој, можеби, е добар за жителите на Ѓоре Петров, но ги загрозува интересите на граѓаните на Општина Карпош. Со него се зголемува бројот на жители за третина од вкупниот број жители во Ѓорче Петров. Се врши притисок врз училиштата и градинките во Општина Карпош, а најголем проблем претставуваат предвидените хемиски фабрики – изјави градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.

Како што најави советничката од Левица во Советот на Општина Ѓорче Петров, Дарја Мустафаоглу, оваа партија ќе поднесе претставка до Државниот инспекторат за локална самоуправа со која ќе бара да се запре примената на спорниот ДУП, поради повреда на законитоста и постапката при неговото донесување, а ќе иницира постапки пред сите надлежни органи. Не ја отфрли можноста за организирање протести

 

Советот на Општина Карпош, на денешната вонредна седница, донесе одлука да се обжали пред Уставниот суд спорниот Детален урбанистички план СЗ 16, кој беше донесен, исто така на вонредна седница, од Советот на Општина Ѓорче Петров, а се простира на делот од новиот кружен тек помеѓу Ѓорче Петров и Влае, непосредно до населбата Александрија, па сè до наплатниот пункт на ЕВН, непосредно пред мостот кон Даме Груев. Односно го опфаќа целиот простор спроти пазарот во Ѓорче Петров.

Оваа одлука беше донесена со 15 гласа „за“.

– Овој план треба да се обжали пред Уставниот суд. Тој, можеби, е добар за жителите на Ѓорче Петров, но ги загрозува интересите на граѓаните на Општина Карпош. Со него се зголемува бројот на жители за третина од вкупниот број жители во Ѓорче Петров. Се врши притисок врз училиштата и градинките во Општина Карпош, а најголем проблем претставуваат предвидените хемиски фабрики – изјави градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.

И советничката од партијата Левица во Советот на Општина Ѓорче Петров, Дарја Мустафаоглу, на денешната прес- конференција, најави дека Левица ќе поднесе претставка до Државниот инспекторат за локална самоуправа со која ќе бара да се запре примената на спорниот ДУП, поради повреда на законитоста и постапката при неговото донесување.

– Рокот  за неговото важење истекуваше на 18.02.2024 година. Советот експресно на 17 февруари во 10 часот свика вонредна седница за неговото донесување. А вонредна седница се закажува во случај на елементарни непогоди, но и за ад хок случаи, а не поради неажурност на службите, односно за ДУП за кој со години се спиело – истакна Мустафаоглу.

Таа потенцираше дека ДУП-от е донесен на шверцерски начин и предвидува 30 згради од кои, како што истакна на Имер Селмани му биле дадени 20 и 17-катница.

– Од висококатниците ќе се остварат приходи од 240 милиони евра, а општината Ѓорче Петров ќе добие 10.000 нови жители и 2.685 возила. Новото училиште и градинка што се предвидуваат ќе бидат недоволни да им понудат услуги на децата кои моментално чекаат за упис, а не пак за децата кои ќе се вселат во висококатниците. Она што е пострашно, што училиштето и градинката би биле во близина на хемиски фабрики во кои имаме информации дека ќе се произведуваат козметички, средства за хигиена, варакини, солни киселини, а ќе бидат врз главниот цевковод, при што ќе постои опасност Скопје да остане без вода – образложи Мустафаоглу.     

Таа потенцираше дека советничката група на Левица е против овој, како што го нарече корумпирачки, бетонизирачки план, кој ќе остави далекусежни негативни последици не само за Општината Ѓорче Петров туку и за целиот град.

Освен тоа, Мустафаоглу најави дека Левица ќе иницира постапки пред сите надлежни органи, а не ја отфрли и можноста за организирање протести.

Министерството за транспорт и врски ги отфрли како „паушални и лажни“ обвинувањата на скопската градоначалничка Данела Арсовска, кои се однесуваат на изгласаниот Детален урбанистички план (ДУП) во Општина Ѓорче Петров.

Оттаму велат дека градоначалничката Арсовска не треба да го вовлекува Министерството во креирањето на урбанистичките планови, кои согласно со законот, се во изворна надлежност на општините и ѝ порачаа политичките игри и пресметки да ги води на друго место и на други теми.

– Ако Данела Арсовска не го знае ова, нека се информира подобро од професионалци што се занимаваат со оваа дејност – се вели во реакцијата од Министерството за транспорт и врски.

Од Министерството појаснуваат дека, според увидот што го направиле во системот на е-урбанизам, јасно се гледа дека Град Скопје дури 72 дена не одговара на бараното мислење во однос на предметниот ДУП.

– Согласно со член 36 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, Град Скопје е должен да одговори во рок од пет работни дена од приемот на барањето во електронска форма на системот на е-урбанизам. Доколку не одговори, тогаш се смета дека Град Скопје нема забелешки и дека е дадено позитивно мислење – додаваат од Министерството и нагласуваат дека во текот на постапката, Општина Ѓорче Петров четири пати го доставила планот до нив. Во три случаи, како што додаваат, Министерството дало известување за недостатоци, а дури четвртиот пат од страна на Општината биле коригирани сите забелешки.

Од Министерството додаваат дека потоа Комисијата за урбанизам, водејќи се од одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и од Законот за урбанистичко планирање, дала согласност за ДУП-от.

Од Град Скопје, пак, сметаат дека реакцијата на Министерството за транспорт и врски уште еднаш докажува дека во Македонија ниту владее ниту, пак, има изгледи да завладее правото во догледна иднина.

– Благој Бочварски, поставен за министер за транспорт и врски во владата на Зоран Заев, со реакцијата дополнително го потврди сомнежот дека зад ДУП-от во Општина Ѓорче Петров со кој се предвидува изградба на преку 50 станбени згради со површина од 240.000 квадратни метри и три индустриски деловни објекти од хемиската индустрија на површина од 157.000 квадратни метри, се кријат коруптивни и криминални интереси. Иако се повикува на закон, Бочварски, како министер за транспорт и врски, би требало да знае дека за да стави параф на согласност на ДУП во Градот Скопје, мора, односно е неопходно да добие и согласност на конечен предлог ДУП од страна на Град Скопје – децидни се од Град Скопје. 

 (А.П.)