Општина Карпош објави оглас за избор на авто школа

1702

Општина Карпош денеска објави јавен оглас за избор на авто школа, која треба да организира полагање на теоретски и практичен дел од возачкиот испит, за млади лица кои се жители на локалната самоуправа.

Со оваа иницијатива започнува проектот „Субвенционирање на млади лица од Општина Карпош за полагање на возачка дозвола“.

Со цел, спроведување на оваа активност која е дел од Програмата на Секторот за развој за 2022 година, потребно е општината да изврши избор на авто школа преку која младите лица ќе можат да полагаат и добиваат дозвола за возачки испит за Б категорија.

Како што информираат од локалната самоуправа, право на пријавување имаат сите заинтересирани правни лица, коишто се регистрирани во дејноста која ја опфаќа овој јавен повик.

Притоа, авто школите треба да исполнат неколку критериуми за учество на огласот, меѓу кои се наведува дека: авто школата треба да има лиценца за работа за оспособување на кандидатите за возачи за Б категорија, авто школата треба да има најмалку осум возила во своја сопственост, или да има на располагање за оспособување на кандидатите за Б категорија, да има најмалку осум реномирани возачи – инструктори со лиценца за оспособување на кандидати за возачи за Б категорија, вработени во авто школата или на располагање, авто школата треба да има канцеларија за прием на кандидати, како и училница за одржување на теоретска настава со сите нагледни средства според закон, но не подалеку од 3 километри од седиштето на Општина Карпош (улица „Радика“, број 9, 1000 Скопје).

Како најповолна понуда за избор на авто школа ќе биде земена в предвид онаа, која ќе има најниска цена за полагање на теоретскиот и практичниот дел на кандидатите за возачи за Б категорија. Правните субјекти треба да ги достават потребните документи по пошта или во Архивата на Општина Карпош, во затворен плик на улица „Радика“, број 9, барака 2,  со ознака „НЕ ОТВОРАЈ “.

Огласот трае десет 10 работни дена од денот на објавување, односно до 21.03.2022 година. Отворањето на понудите ќе се спроведе на 21.03.2022 година во 12 часот.