За десетина дена сметки ќе се плаќаат и на поштенските шалтери

Од националната пошта велат дека нема никаква промена во планот од 1 март Халкбанк да почне да ги користи поштенските шалтери како банкарски, односно преку нив да врши платен промет, како што е предвидено со договорат склучен пред околу два месеца. Најавата од Халкбанк е дека покрај стандардните банкарски услуги на поштенските шалтери ќе се понудат и други, кои освен за комитентите на банката ќе бидат достапни и за сите кои ги користат услугите на Пошта.

1649

За десетина дена граѓаните на поштенските шалтери повторно ќе можат да плаќаат сметки за комуналии, а клиентите на Халкбанк да си ги подигаат пензиите, социјалната помош и друго. Според најавите, провизиите за услугите од платниот промет ќе бидат ниски.

Од националната пошта велат дека нема никаква промена во планот од 1 март Халкбанк да почне да ги користи поштенските шалтери како банкарски, односно преку нив да врши платен промет, како што е предвидено со договорат склучен пред околу два месеца. Најавата од Халкбанк е дека покрај стандардните банкарски услуги на поштенските шалтери ќе се понудат и други, кои освен за комитентите на банката ќе бидат достапни и за сите кои ги користат услугите на Пошта.

Граѓаните конечно ќе можат да здивнат, зашто кога ќе се стават во функција за платен промет околу 500-те поштенски шалтери во околу 300 поштенски единици кои ги има низ целата држава, ќе се намалат редиците пред банките кои станаа вообичаени по 12 август, кога Еуростандард банка, која претходно имаше договор со Пошта, остана без дозволата за работа.

Тоа е бенефитот за граѓаните, а голема корист од реализација на договорот со Халкбанк ќе има и Пошта. Сега повторно ќе бидат ангажирани близу 900 службеници обучени за платен промет од кои дел останаа без работни обврски по затворањето на Еуростандард банка. Исто така, од приходот што ќе го оствари Халкбанк од работењето на шалтерите, според договорот, 71 отсто ќе оди во касата на Пошта, а останатите 29 отсто ќе бидат за банката.

Ова сепак ќе биде само мало тековно освежување кое ќе овозможи да остане на нозе националната пошта која се гуши во долгови. Ревизорите укажуваат на минус од 10 милиони евра кој се провлекува со години. Новиот генерален директор на Пошта, Јани Макрадули, најавува решавање на финансиските проблеми и модернизација на работењето на оваа компанија во државна сопственост, за која Владата подготвува терен за продажба или преземање со јавно јавно-приватно партнерство.
Според Макрадули, се воведуваат нови услуги, како на пример платформа за е-услуга, алатка на која ќе се темели идното работење на Пошта.

– Во периодот што следи, фокус на работењето ќе биде подобрување на технолошкиот процес, нова ценовна политика и поволни услови за корисниците на поштенските услуги. Генералниот директор Јани Макрадули истакна дека подобрувањето на работењето се прави користејќи нови современи дигитални алатки, соработка со Поштите од регионот, намалување на непродуктивноста и соодветна прераспределба на тековно расположливиот човечки кадар, соопшти Министерството за транспорт по средбата што деновиве ја имаше министерот Благој Бочварски со првиот човек на националната пошта.

Сепак, слика на актуелната состојба во Пошта дава предлогот за измени на Законот за поштенските услуги со кој либерализацијата на поштенскиот пазар треба да се одложи уште еднаш, по седми пат. Уште една година монопол на националниот поштенски оператор се бара со образложение дека нема технички можности, односно нема обезбедено систем за вршење на посебно сметководство кое треба детално да дава приказ на трошоците за обезбедување услуги, па политика се базира на претпоставен трошок.

-АД Пошти на Република Северна Македонија се одликува со постоење на „гломазен“ систем кој го оневозможува и успорува долгиот и скап процес на реорганизација и тоа во насока на: унапредување на работењето; соодветно справување со конкуренцијата и нејзино полесно адаптирање кон работењето согласно сите правила за претприемништво и работа во услови на слободна пазарна економија, стои меѓу другото во образложението на предлогот за законски измени, кој во Собранието е доставен во октомври лани, но сè уште не е изгласан.

Дел од активностите кои Пошта ги најави во планот за работа годинава опфаќаат и надминување на некои од овие слабости. Меѓу приоритетите на компанијата за оваа година е наведено финансиско стабилизирање што би се реализирало преку подобрување на технолошкиот процес, воведување нови услуги, нова ценовна политика, освојување на нови пазари и друго.

Поставена е и задача да се освои е-просторот, со оглед на тоа што во современите пошти електронската трговија носи и до 68 отсто од приходите, во ковид-периодот во нашата држава електронската трговија пораснала за 49 проценти, секој четврти граѓанин користи Интернет, а одредени деловни субјекти имаат потреба за достава и до 600 пакети дневно.

(С.В.)