Ем сиромашни ем осми сме во светот по фрлање храна

188

Со храната што ја фрламе можат да се нахранат 13.000 граѓани со три оброци дневно. И додека од една страна имаме вишок на храна, истовремено над 400.000 граѓани имаат проблем да обезбедат храна. За да се детектира проблемот и да се изнајдат начини како храната да им се стави на располагање на оние што ја немаат, вчера во Скопје се одржа конференција во организација на невладината „Новинари за човекови права“

 

Фрлената храна во нашата држава има потенцијал да нахрани 13.000 граѓани со три оброци дневно. И додека од една страна имаме висок процент на т.н. вишок на храна, истовремено над 400.000 граѓани имаат проблем да обезбедат храна. Поради недостигот на финансии овие граѓани во просек имаат по еден оброк во денот. Ова беше истакнато на вчерашната завршна конференција на проектот „Мобилизација на заедницата во борбата против гладот“ кој се реализира во рамките на „ВСС Ефект“ и има за цел да го детектира проблемот и да изнајдат начини како храната да им се стави на располагање на оние кои ја немаат.

-Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) нè рангира како држава која е на осмо место по количина на фрлена храна според број на жители – изјави Наташа Доковска Спировска од невладината „Новинари за човекови права“, која заедно со невладината организација „Љубезност“ се партнери во проектот.

Таа додаде дека детектирале неколку клучни проблеми: непостоење законска регулатива за искористувањето на вишокот на храна, немање свест кај компаниите, но и кај голем дел од граѓаните за потребата од донирање на вишокот храна и губењето храна, немање стратегија за постигнување на целта 12.3 од целите за одржлив развој во која се вели дека секоја држава треба да го преполови фрлањето храна до 2030 година и немање емпатија, желба за тоа.

– Овој проблем треба системски да се реши, а Банката за храна е одличен пример како тоа може и треба да се реши бидејќи таму членуваат големи трговски ланци и потенцијално други организации кои можат да донираат храна. Оваа храна се собира и на оние кои немаат им се доставува од страна на Банките за храна – потенцира Доковска Спировска.

„Новинари за човекови права“ во периодот од октомври до декември минатата година спровеле истражување со цел да се изврши мапирање на компаниите кои би можеле да бидат потенцијални донатори на храна за гладните и сиромашните врз основа на репрезентативен примерок и да се направи проценка на бројот и учеството на компаниите кои имаат волја и можности да донираат храна, како и проценка на количината на донации во храна која може да биде донирана.

На прашањето што прават со храната на која ѝ истекува рокот за употреба, а не се троши, шест од испитаниците одговориле дека ја фрлаат храната, пет дека ја донираат пред истекот на рокот, по три ја враќаат кај дистрибутерите и ја продаваат со намалена цена до истекот на рокот, а шест испитаници дале разни други одговори. На прашањето, пак, дали го селектираат отпадот од храна и како, 13 испитаници или 44,83 проценти одговориле позитивно, додека 11 испитаници или 37.93 проценти одговориле негативно. Оние кои одговориле позитивно прецизирале дека го селектираат отпадот според видот во посебни контејнери или дека соработуваат со компанија за собирање и рециклирање на отпад.

На прашањето дали сте размислувале да ја донирате храната која е при крај за употреба, 10 испитаници одговориле потврдно и уште четири други дале одговори кои имплицираат дека порано донирале храна. Од друга страна шест испитаници дале негативен одговор и два други дале одговори кои сугерираат дека не размислуваат да донираат храна.

Душко Христов, претседател на Банка за храна Македонија вели дека годишно се произведуваат 12 милијарди тони храна во светот, а има 6 милијарди луѓе, што значи дека има толку храна за да се нахранат двојно повеќе луѓе, а сепак има сиромашни, бидејќи вишокот на храна се фрла. И од Европската комисија објавија податок дека 88 милиони тони храна непотребно се фрла во земјите членки секоја година. Информациите говорат дека таа бројка на фрлање на храна како отпад ќе стаса до 126 милиони тони до 2020 година, освен ако не се преземат дополнителни превентивни мерки или акции.

– Ситуацијата кај нас не е розова. Добиваме информации кои укажуваат на тоа дека конечно сме први во нешто, а тоа, за жал, е сиромаштијата. Од вработените во земјава, осум од десет се со потпросечни плати. Затоа, Банката за храна Македонија акцентот го става на лицата кои се вработени, а се со ниска потпросечна плата. Овие луѓе со ниски примања не можат да чепкаат по контејнери, додека оние што се социјални случаи можат да најдат парче леб бидејќи не се во редовен работен однос – објасни Христов.

Тој смета дека за 25 до 30 проценти треба да се прочистат списоците во Центрите за социјални работи, бидејќи дел од социјалните случаи кои се на листите како корисници на социјални придобивки не се во државата, а некој тие средства ги користи во нивно име.

Според Стојне Тодоровска од Банката за храна Македонија, целта на проектот „ВСС Ефект“ е да се создадат услови да заживеат акциите за собирање и редистрибуција на храна и тоа да биде малку поорганизирано со организациите што го прават тоа по општините.

– Тоа е еден од 10 проекти што ги финансиравме и со кој сакаме да ја поттикнеме активноста и видливоста на нашите партнерски организации во повеќе општини низ Македонија – вели Тодоровска. 

 (А.П.) – Фото: Н. Батев