Легендарниот Раде Шербеџија и овој пат во Скопје пред својата верна публика, која до последно место ја исполни Македонската филхармонија, направи концерт за паметење (во организација на “Авалон“). И сè во неговиот стил. Дури и по прашањето на имиџот со неизбежната шапка како моден детаљ. Ќе кажете можеби, веќе видено, но не е така. И да е, ете на пример видено, кога Раде тоа го работи, делува постојано свежо, интересно, релаксирано. Особено ако ги прераскажува своите настани со познатиот кантавтор Арсен Дедиќ додека тој беше жив, а со кој Раде многу соработувал.

Тие приказни предизвикаа смеа во публиката, бидејќи фановите на Раде го сакаат и кога раскажува и кога рецитира поезија, но и најмногу кога пее.
А, богами пееше Раде, пееше цели два часа… и како вистински боем на кој сè му е простено особено додека на самата сцена пиеше од доброто македонско вино кое, како што вели, такво вино оди само со песна…

А, песната лесна, приемчива за уво, за душа. Малку стари, малку нови, комбинирано, а сè испратено со долги аплаузи од публиката која со голема причина дома си замина задоволна, велејќи на излегување, дека пак ќе дојдат на неговиот концерт. Раде е еден, и од кал да е, никој не може со него така боемски, не можат дури ни оние силни холивудски ѕвезди со кои тој или настапува на сцената или само другарува.         фото-текст: Дуле М.