Дипломатските ракавици фрлени – ЕУ и САД со јасни критики за корупција

Судските и политичките актери не се свесни колку ЕУ ја следи работата во владеењето на правото, порача шведската амбасадорка во земјава, Ами Ларсон Џаин. Ова е уште една од низата критики од амбасадорката од земјата, која во моментов  е на кормилото на ЕУ. Во период кога уставните измени се, главно, барање за Македонија да продолжи по евроинтегративниот пат, меѓународната заедница не пропушта јасно да им даде до знаење на македонските власти дека корупцијата и криминалот се најголем проблем во државата и дека справувањето со нив е „под лупа” на ЕУ и на САД

93

Во период кога уставните измени се, главно, барање за Македонија да продолжи по евроинтегративниот пат, меѓународната заедница не пропушта јасно да им даде до знаење на македонските власти дека корупцијата и криминалот се најголем проблем во државата и дека справувањето со нив е „под лупа” на ЕУ и на САД. Уште една во низата пораки дојде од шведската амбасадорка во земјава, Ами Ларсон Џаин, која изјави дека искрено се сомнева дека судските и политичките актери се свесни колку одблизу ЕУ ја следи работата во областа на владеење на правото. Амбасадорката од земјата која е актуелен претседавач со Унијата, потенцираше дека е неопходна искрена посветеност од сите засегнати страни во борбата против корупцијата и дека не постои скратен пат кон ЕУ. Ларсон Џаин рече дека, исто така, и ЕУ треба да испорача кога земјите кандидати ќе ги исполнат критериумите.

– Шведска останува посветен партнер на Северна Македонија, на нејзиниот пат кон ЕУ. Борбата против корупцијата и останатите димензии од владеењето на правото се фундаментални вредности на членството во ЕУ, со кои почнува и завршува процесот на пристапување. Северна Македонија презема значителни чекори во борбата против корупцијата, но, сепак, сè уште постојат значителни пречки на патот. Потребна е поструктурирана и системска борба против корупцијата во земјата. Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси сè уште останува да биде целосно применет, како и националната стратегија и акцискиот план. Друг клучен елемент за владеење на правото во Северна Македонија е да се обезбедат независноста, компетентноста и соодветни ресурси за судството – изјави шведската амбасадорка на дискусијата „Мониторинг на владеењето на правото за земјите членки на ЕУ и кандидатите: премостување на јазот“ што се одржа вчера, во организација на Институтот за европска политика (ЕПИ).

Ларсон Џаин потенцираше дека фундаменталните вредности се особено важна тема, знаејќи, како што рече, дека моментално „во земјава сме фокусирани на други чекори кои се потребни да продолжи на патот кон ЕУ“. Амбасадорката рече и дека геополитичката реалност му дала импулс на процесот на проширување на исток, но и, исто така, и на Балканот и дека ЕУ-моментумот е мошне значајна околност.

– Постои моментум за членството на вашата земја во ЕУ, со геополитичката реалност со руската агресија во Украина. Северна Македонија е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Заедно стоиме на правилната страна на историјата – изјави Џејн и додаде дека зголемувањето на транспарентноста, исто така, е особено важно, со акцент, како што кажа, на трошењето на јавните средства.

Општеството кородира

Шведската амбасадорка Ларсон Џаин изминатиов период испрати критики во низа за корупцијата во земјава. Минатиот месец, на панел-дискусија за иднината на проширувањето на ЕУ, таа рече дека земјава се соочува со предизвици, како што се сиромаштијата и корупцијата, која го кородира општеството.

 – Борбата против корупцијата и другите елементи за владеење на правото се многу значајни за членството во ЕУ и треба да се знае дека ова се области каде што земјите кандидати треба да започнат токму од оваа позиција – порача тогаш амбасадорката.

На друга дискусија пред еден месец, амбасадорката од земјата која во моментов  е на кормилото на ЕУ, исто така, предупреди дека на патот кон ЕУ, во Македонија најголем проблем се сиромаштијата, корупцијата и криминалот и потсети дека борбата против корупцијата и владеењето на правото се основни вредности за влез во ЕУ.

Разочарувачка борба

И евроамбасадорот Дејвид Гир на работен состанок во Владата во април на кој учествуваше и вицепремиерката за политики на добро владеење Славица Грковска, директно изрази разочарување од борбата против корупцијата во Македонија. Гир рече дека земјава не ги исполнила препораките за борба против корупцијата наведени во ланскиот извештај на Европската комисија. Евроамбасадорот оцени дека главните причини за високото ниво на корупција се негативното политичко влијание и нефункционалниот правосуден систем, како и отсуството на интегритет. И тој потсети дека борбата против корупцијата и зајакнувањето на владеењето на правото се во центарот на процесот на проширување на Унијата.

– Иако гледаме некаков напредок во реформите врзани со владеењето на правото, борбата останува разочарувачка. Во извештајот на Европската комисија има јасни насоки што треба да се прави и кои се приоритетите. Сите ги знаеме, но досега премалку е постигнато. Нивото на имплементација е недоволно. Потребни се независни судии и обвинители за да се врати јавната доверба во судството – рече Гир и потсети дека ЕУ инвестирала многу во борбата против корупцијата во земјава и сега е време да се испорачаат видливи резултати.

Црна листа на САД

Соединетите Американски Држави, исто така, активно се вклучија во борбата против корупцијата во земјава, со своите механизми, од кои најмногу внимание привлекоа најавите за ажурирање на т.н. црна листа, но и покрај честите посети од претставници на Стејт департментот, како и скенирањето на состојбите во земјава од страна на американскиот тим за санкции во декември лани, сè уште никој не открива детали и имиња за тоа кои актуелни и поранешни функционери се на удар да се најдат на американската црна листа. По советникот на американскиот Стејт департмент, Дерек Шоле, кој дојде во земјава во јануари, во март и глобалниот координатор за антикорупција на американскиот Стејт департмент, Ричард Нефју, имаше средби во Македонија. Американската амбасадорка во земјава, пак, Анџела Агелер, тогаш рече дека не може да даде точен временски рок кога ќе бидат објавени новите имиња од земјава кои ќе се најдат на ажурираната црна листа на САД. Таа истакна дека списокот со санкции за корумпирани личности ќе пристигне од Вашингтон и го повтори ставот дека едно или две имиња од земјава ќе се најдат на таа листа.

Незадоволството од непотизмот и партизираното правосудство во земјава се отсликува во истражувањето на јавното мислење. Според анкетата на Интернационалниот републикански институт – ИРИ во октомври лани, врз репрезентативен примерок од 1.207 испитаници, вербата во тие што ја делат правдата е на дното. Само четири отсто од испитаниците имаат доверба во судството, а најниски три проценти во Обвинителството. Во нивно друштво се и Собранието и политичките партии со доверба од само четири проценти. (В.С.Н.)