Дали уставните измени навистина се последното скалило до ЕУ?

 Се очекува нацрт-верзијата деновиве да влезе во собраниска процедура, но останува отворено прашањето дали бугарските барања се последни во низата услови што ги постави Европската Унија. Познавачите на политичките прилики, кои години наназад учествуваат и ги следат македонските евроинтеграции, очекуваат дека, без оглед дали ќе се случат уставните измени или не, Софија апсолутно ќе продолжи и понатаму да блокира. Без обезбедено мнозинство и со зацементирани партиски ставови, нема простор за оптимизам дека ќе биде постигнат консензус за уставните измени. Епилогот е неизвесен, но државниот врв до последен момент ќе дава шанса – да биде постигнат договор

48

Кое е помалото зло за кое треба да се одлучи во наредниве шест месеци е дилемата што сè повеќе се наметнува во јавноста откако сè посилен станува притисокот за уставни измени. Се очекува нацрт-верзијата деновиве да влезе во собраниска процедура, но останува отворено прашањето дали бугарските барања се последни во низата услови што ги постави Европската Унија. Познавачите на политичките прилики, кои години наназад учествуваат и ги следат македонските евроинтеграции, очекуваат дека, без оглед дали ќе се случат уставните измени или не, Софија апсолутно ќе продолжи и понатаму да блокира.

– Уставните измени се само дел од целината на бугарските барања, кои не се видоизменети во суштина од 2019 година. Проблемот е во тоа што Бугарија не го призна постоењето на македонските народ и идентитет, и постојано се повторува тоа – цени Малинка Ристеска-Јорданова од Институтот за европски политики.

Во телевизиско гостување, Јорданова потенцираше дека очекува Софија да блокира и понатаму, затоа што, како што рече, таа ги има внесено своите барања секаде во процесот.

– Мене ме интересира како се постави ЕУ кон тоа и какво влијание ќе имаат тие барања од Бугарија врз евроинтеграцискиот пат. Ние ги гледаме само уставните измени и ние паѓаме постојано на политиката на свршен чин. Лани беше францускиот предлог, годинава измените. Уставните измени се само дел од бугарската целина. Немаме гаранција дека нивните барања ќе престанат – рече Ристевска- Јорданова.

Ристевска-Јорданова додаде дека и Бугарија ги внесува тие барања во преговарачкиот процес, и тоа најмногу во кластери-темели, а целиот проблем, во целата оваа работа, според неа, е во тоа што „бугарскиот диктат е внесен во целиот преговарачки процес“.

За поранешниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, подеднакво ризични се и прифаќањето и неприфаќањето на промените на Уставот и внесување на бугарското малцинство во преамбулата.

– Жалам што немаме кохезија за ова прашање, но треба да ги почитуваме различните мислења. Можеби, со неприфаќање на уставните измени ќе се повлечеме и ќе изградиме посилна позиција. Признавам дека е ризично тоа, но мене ми изгледа апсолутно ризично прифаќањето на уставните измени, затоа што немаме никаква гаранција дека ние ќе станеме членка на ЕУ – рече Димовски во телевизиско гостување.

Сепак, смета дека ако не се случат уставните измени, оваа влада ќе го загуби легитиметот во однос на политиката која ја поддржува.

– Патеката на кон НАТО и кон ЕУ и натаму е стратешка цел, но дојдовме во ситуација кога имаме т.н. проевропска Влада, но поддршката од граѓаните за ЕУ е многу мала. Ако не бидат прифатени уставните измени, тогаш оваа Влада го губи легитиметот во смисла на политиката која ја спроведува. Потоа, веројатно, ќе се оди на избори – кажа Димовски.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу смета дека Договорот со Бугарија и преговарачката рамка не се исти и за тоа посебно се преговара.

– Во Договорот во делот за историјата е апсолутно консензуален и сите мора да се договорат. Кај преговарачката рамка има разлика и ова беше еден вид компромис. Апсолутно е тука тој парадокс, Бугарите не го признаваат македонскиот идентитет, а прифаќаат да бидат одвоени во преамбулата од тој идентитет. Македонскиот народ е мнозински во оваа држава. Не можеме ние преку преговарачкиот процес да го исправиме парадоксалното мислење на Бугарија. Евроинтегративниот процес е скроен така што таму сите се членки – рече Муслиу.

Без обезбедено мнозинство и со зацементирани партиски ставови, нема простор за оптимизам дека ќе биде постигнат консензус за уставните измени. Епилогот е неизвесен, но државниот врв до последен момент ќе дава шанса – да биде постигнат договор.

– Процедурално не е пречка да се започне процесот и да продолжат преговорите за политички консензус. Не е невозможна мисија имајќи ги предвид овие рокови. И додека течат тие рокови, има време за дебата. Процедурално е можно – рече деновиве претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Претходно, слична порака испрати и претседателот Стево Пендаровски.

Откако ќе ја разгледа и усвои предлог-иницијативата, се очекува Владата да ја достави до Собранието.  Од пристигнувањето на иницијативата за уставни измени во Собранието, потребни се 30 дена за таа да биде разгледана, по што ќе се одржи пленарна седница на која треба да се гласа.

Одлуката за пристапување кон измени на Уставот треба да ја донесе Собранието со двотретинско мнозинство, односно со најмалку 80 гласа, а бидејќи се работи за промена на преамбулата, потребно е таа да добие и т.н. Бадентерово мнозинство, односно за неа да гласаат и најмалку 21 од 40-те пратеници кои не се припадници на мнозинската македонска заедница.