Ќерамитчани бараат автобуска линија низ населбата на која бетонизацијата ѝ чука на врата

265

Низ населбата Ќерамидница, која се наоѓа на помалку од два километра воздушна линија од центарот на Скопје, не поминува автобуска линија. Жителите мораат да пешачат по неколку километри за да дојдат до најблиската автобуска постојка во Аеродром, Центар или во Автокоманда, кои граничат со оваа населба во која сè уште се живее маалски живот иако никнува по некоја зграда.

Од Левица – Гази Баба поднеле предлог-точка на дневниот ред на 13. седница на Советот на Општина Гази Баба да се разговара за одлука низ ова населено место да поминува автобуска линија, која ќе им овозможи на жителите адекватен транспорт

Низ населбата Ќерамидница, која се наоѓа на помалку од два километра воздушна линија од центарот на Скопје, не поминува автобуска линија. Жителите мораат да пешачат по неколку километри за да дојдат до најблиската автобуска постојка во Аеродром, Центар или во Автокоманда, кои граничат со оваа населба во која сè уште се живее маалски живот иако никнува по некоја зграда.

– Недозволиво е во Град Скопје, населба која граничи со Аеродром, Центар и со Автокоманда, да нема автобуска линија. Покрај специфичната географска позиција на Ќерамидница, за жителите од таа населба такво е секојдневието. Досегашните власти имаат придонес за тоа жителите да мораат да пешачат по неколку километри во одреден правец за да дојдат до автобуска постојка. Пасивноста на општинските и на градските власти ги остава луѓето на милост или немилост – велат од Левица – Гази Баба, од каде што поднеле предлог-точка на дневниот ред на 13. седница на Советот на Општина Гази Баба да се разговара за одлука низ ова населено место да поминува автобуска линија, која ќе им овозможи на жителите адекватен транспорт.

Сметаат дека Ќерамидница мора да се урбанизира, затоа што инфраструктурата внатре во населбата е лоша и небезбедна.

– Километарските патеки по кои пешачат и деца на школска возраст, се слабо осветлени, со несоодветна сигнализација на улиците и немаат оптимални услови за општа безбедност на пешаците, кои се небезбедни – потенцираат од Левица – Гази Баба.

Проблемот со немањето автобуска линија ќе беше решен со пробивањето на булеварот АСНОМ низ Ќерамидница, за што и беше изграден мостот „Михајло Апостолски“ со цел да ги поврзе Аеродром, Гази Баба и Центар. По изградбата на булеварот низ населбата, предвидено е да поминуваат автобуси на ЈСП.

Мостот не може да биде пуштен во функција, затоа што булеварот не може да се гради, засега, бидејќи на трасата треба да се урнат повеќе објекти за кои не е завршен процесот на експропријација.

– Од 2018 година, кога е започнат проектот, имало 139 парцели и 136 објекти што треба да се решат или вкупно 275 постапки за експропријација. Претходната градска администрација за три години успеала да реши само 31 предмет, а за осум предмети влегла во постапка на спор. Градоначалничката на Град Скопје во неколку наврати повтори во јавноста дека постапките на решавање на предметите тековно се одвиваат, но нагласуваме дека станува збор за правни постапки и спорови кои мора да бидат завршени целосно и од страна на правосудните органи за да може да се пристапи кон расчистување и отстранување на градбите, нешто што требало да го спроведе претходното градско раководство навремено пред да започнат градежните работи на тој потег – велат од Град Скопје.

На прашањето на весникот ВЕЧЕР дали новата градска власт размислува покрај дворовите и куќите на жителите, да завлезе со планските решенија за булеварот низ Ќерамидница и во дворовите на некогашните стопански капацитети од овој дел од некогашната Источна индустриска зона (ФАС „11 Октомври“ – по ново САНОС), „Комуна“, „Бисерка“, „Механика“, „Коце Металец“, „Аутогума“, „Глорија“…), оттаму само одговорија дека „трасата на булеварот е утврдена во ГУП-от на Град Скопје и поради тоа, таа засега не е можно да се поместува“.

Инаку, бетонизацијата ѝ чука на врата на Ќерамидница, во која забрзано се гради. Веќе никнуваат неколку станбени згради, кои набрзо ќе ги примат и првите станари. Покрај Вардар веќе се градат два огромни комплекса на станбени згради – едниот кај поранешниот објект „Космос“, кој беше урнат до темели, а другиот во близина на новиот мост.

Во центарот на Ќерамидница, исто така, се гради 11-катница, а нова зграда ќе се гради кај напуштената зграда на „Комуна“. Со изградбата на новиот булевар, земјиштето ќе стане мошне атрактивно и допрва се очекува градежен бум. Со тоа, бројот на жители ќе се зголеми и нивните потреби ќе мора да се задоволат, како градинка, училиште, амбуланта, автобуска линија итн.                                               (С.Бл.)