Македонија и без свидетелства, учениците успехот на хартија ќе го добијат на крајот на август

439

Како и минатата година, учениците во основното и во средното образование не ги добија свидетелствата за постигнатиот успех за учебната 2021/22 до крајот на јуни. Наставниците, а преку нив и родителите и учениците за ова беа известени  неколку денови пред терминот кој беше претходно најавен како ден кога ќе се врачуваат свидетелствата. Според информацијата дадена од Бирото за развој на образованието за медиумите, учениците свидетелствата треба да ги добијат до крајот на август, бидејќи во тек е тендерска постапка за избор на фирма, која ќе ги печати. Според нив, нема проблем што се доцни со доставата, зашто согласно Законите за основно и средно образование, учебната година трае до 31 август.

Како што посочуваат оттаму, Бирото, согласно сите законски процедури и рокови спроведува транспарентна набавка за печатење на целата педагошка документација, започната уште од февруари 2022 година.

Тие испратиле допис и до сите училишта, во кој покрај искажаната благодарност до учениците, наставниците и родителите за залагањата, разбирањето и соработката во текот на целата учебна година, информирале дека доделувањето на свидетелствата на учениците и оваа учебна година, согласно член 50, став 1, член 138, став 5, од Законот за основно образование, како и член 23, став 2, од Законот за средно образование, ќе се одвива до крајот на учебната година, месец август. Како што посочуваат од Бирото, свидетелствата на полуматурантите и на матурантите се предадени до училиштата.

Случајот со свидетелствата само ја надополнува низата недоследности и проблеми кои се случуваа оваа, втора по ред пандемиска учебна година (2021/2022), која ја означија носењето маски на училиште речиси цела година, одложениот старт на второто полугодие заради еден од најсилните корона-бранови, кој за зафати нашата земја во јануари 2022, но и штрајкот на наставниците кои организирани преку Синдикатот за образование, наука и култура три недели ги оставија учениците без настава. Преку воведената дигитализација, најавена со новата концепција за основно образование, оваа учебна година претставуваше дополнителен предизвик и за учениците од прво и четврто одделение.

Останува да се надеваме дека идната 2022/23 ќе имаме помалку проблеми на здравствен план, а ќе овозможи и поквалитетно образование кое за учениците ќе донесе подобри резултати и успех кои ќе се темелат на реални знаења. (Н.И.Т.)