Фановите на британскиот возач во Формула 1, Луис Хамилтон, сè почесто тврдат дека нивниот миленик е најдобриот во историјата.

Многумина не се согласуваат со ваквиот став, а сега свој коментар даде и Ралф Шумахер, братот на легендарниот Михаел, објаснувајќи зошто Британецот никогаш нема да ја понесе титулата „Најдобар возач во историјата на Формула 1“, иако е на добар пат да собори бројни рекорди.

  • Луѓето постојано ме прашуваат дали Луис Хамилтон е најдобриот возач на сите времиња, особено сега кога е на пат да ги собори рекордите на мојот брат. Јас мислам вака: Луис не е подобар од мојот брат, но е најдобар во неговата ера, истакна Ралф Шумахер за „Скај Спортс“ и заклучи:
  • Истото важи и за Михаел. Тој беше најдобриот во неговата ера. Тешко е да се споредат Хамилтон и мојот брат затоа што има многу фактори кои влијаат на рекордите. Луис има мега пакет што вози за Мерцедес, а тоа не беше секогаш случај со Михаел. Но, тоа не го менува фактот дека Луис е генијален, убедливо најдобриот возач на денешницата.

Инаку, уште еден пилот се потсети на легендарниот Шуми, кој речиси седум години се рехабилитира од повредите здобиени за време на скијање, а вистински информации за неговата здравствена состојба речиси и нема. Овој пат, четирикратниот шампион во најбрзиот циркус на денешницата, Себастијан Фетел, се потсети на најраните сеќавања на Ферари и неговиот сонародник кој е рекордер со седум титули.

  • Ферари ми значи спомени од детството. Мислам дека, додека бев млад, се восхитував на Михаел и црвениот болид. Моите најрани спомени поврзани за Ферари се кога Шумахер победуваше, иако неговиот болид не беше најдобар, но тој беше многу успешен, истакна Фетел кој во тоа време (1996) имал само девет години.