Светската кошаркарска федерација (ФИБА) ги објави имињата на домаќините на  Европското првенство во 2021 година. Меѓу нив се Германија, како домаќин на прелиминарна група во Келн и на завршната фаза во Берлин, Чешка (Прага), Италија (Милано) и Грузија (Тбилиси).

Инаку, ФИБА ја продолжи праксата на организација на континенталниот собир во четири различни земји, која почна во 2015 година кога Македонија последен пат учествуваше на едно големо натпреварување и тоа во група во Загреб.

„Црвено-жолтите“ ќе играат во квалификациите и за пласман на ова ЕП, откако конечно ги минаа претквалификациите и се вратија меѓу најдобрите 32 селекции. Пласман ќе обезбедат најдобрите 24 репрезентации, а ждрепката за квалификациските групи ќе се одржи во термин кој дополнително ќе биде одреден.

Во игра за организатор на следниот европски собир беа и Естонија, Словенија и Унгарија, кои, сепак, не добија шанса да бидат меѓу организаторите.