Македонија и наредната година ќе остане со само еден претставник во регионалната АБА лига, откако челниците на ова натпреварување објавија дека тимот на МЗТ Скопје ќе се натпреварува во  АБА 2 лигата, преку која втора сезона по ред ќе се обиде да се врати во елитното друштво.

Засега познати се единаесет тимови кои ќе бидат дел од третата сезона во оваа регионална конкуренција, додека последниот ќе биде познат дополнително и тоа со доделување на специјална покана. Србија ќе има три претставника (Борац Чачак, Динамик ВИП и Нови Пазар), по две екипи ќе има од БиХ (Спарс и Широки), Црна Гора (Ловќен и Сутјеска) и од Словенија (Хелиос и Рогашка), додека Хрватска (Сплит) и Македонија (МЗТ Скопје) ќе имаат по еден претставник. Покана за настап доби и Работнички, но тимот од „Градски Парк“ и трета година по ред одбија да бидат дел од АБА 2 лигата.

Сезоната во второлигашкото јадранско натпреварување почнува на втори октомври, а на стартот МЗТ Скопје ќе му биде домаќин на тимот кој дополнително, преку вајлд-карта ќе влезе во регионалното друштво. Исто како и во минатата сезона, шампионот, кој ќе се добие по плејоф, ќе избори директен пласман во АБА, додека финалистот ќе игра бараж со претпоследниот од елитната конкуренција.