Училишните дворови станаа „игротеки” за кучиња, деца играат во измет поради несовесни сопственици!    

155

Несовесните сопственици на кучиња со тоа што пуштаат домашни миленичиња (кучиња) во училиштен двор слободно да шетаат без подводник, да играат, трчаат и да вршат физиолошки потреби во исто време кога децата  користат двор за одмор меѓу или по часови, не само што ја загрозуваат нивната безбедност, туку со тоа го прекршуваат и Законот за заштита и благосостојба на животните, бидејќи не ги држат на подводник, за што се предвидува глоба во износ од 30 евра. Има деца кои се плашат, па бегајќи од растрчаното куче можат да се повредат. Како капак на сè, кучињата  уринираат и оставаат измет кој потоа не се собира од нивните сопственици, па децата можат не сакајќи да дојдат во контакт со него, а тоа претставува потенцијална опасност врз нивното здравје, велат револтирани родители

Појавата да се шетаат слободно миленици низ дворовите, пред сè, на основните училишта создава револт кај родителите. Несовесните сопственици на кучиња, милениците ги  „луфтираат” во училишните дворови, во време додека во школите има деца. Со тоа, се жалат родителите, не само што ја загрозуваат нивната безбедност, туку со тоа го прекршуваат и Законот за заштита и благосостојба на животните, бидејќи не ги држат на поводник, за што се предвидува глоба во износ од 30 евра.

Има деца кои се плашат, па бегајќи од растрчаното куче можат да се повредат. Како капак на сè, кучињата вршат и физиолошки потреби, а изметот, потоа не се собира од нивните сопственици, па децата можат не сакајќи да дојдат во контакт со него, што претставува потенцијална опасност врз нивното здравје. И за ова следува глоба во износ од 50 евра.

Се случува во дворовите на основните училишта да влегуваат не само домашни миленици- кучиња, туку и други животни. Така на пример имаше случај кога коњ влезе во двор на основно училиште во општина Ѓорче Петров, а сопственик на стадо овци и кози си дозволи да ги пасе во двор во училиште во Гази Баба.

И покрај ваквите примери, но и опасноста што може да биде предизвикана од „неканетите гости“ во училишните дворови, општините со идентичен одговор дека немаат сознанија за такво нешто. 

Од Општината Центар признаваат дека повремено знае да влезе животно (куче или мачка), но велат дека тоа веднаш се брка надвор од дворот од страна на обезбедувањето.

-На оние родители кои чуваат кучиња, од страна на училиштата им е соопштено со милениците да не влегуваат во дворот и своите деца да ги пречекаат пред капијата, пред сè поради безбедноста на останатите ученици – тврдат од општината и додаваат дека ќе извршат дополнителни проверки и доколку е потребно ќе постапат веднаш, на самото место.

Оваа појава на територијата на Општина Карпош ќе се превенира со тоа што во дворовите на основните училишта ќе се постават табли на кои ќе има истакнато дека се забранува  шетање миленици во училишните дворови и покрај тоа што како што велат во секое училиште има обезбедување кое е задолжено за безбедноста на децата во текот на нивниот престој во училиште.

Општинските власти нагласуваат дека нивната надлежност во врска со овој проблем е ограничена.

– Општинскиот инспекторат има надлежност само во случај ако сопственикот го остава изметот од неговиот домашен миленик на јавна површина. За вршење контрола врз сопствениците на миленици кои ги шетаат (кучињата) без подводници општината нема ингеренции. Таа проблематика е регулирана со Закон за заштита и благосостојба на животните, а надзор врз спроведувањето на законот врши Агенцијата за храна и ветеринарство – одговорија од Општина Карпош.

Од Општина Аеродром велат дека во основните училишта е ангажирано физичко обезбедување за времетраење на наставата, односно до 18 часот, кое има обврска да се грижи за безбедноста на учениците и вработените во училиштата, а во вечерните часови обезбедувањето се спроведува преку патролни обиколки во определени временски интервали.

Притоа додаваат дека инспекциските служби имаат право да им изрекуваат парични казни на сопствениците кои не го собираат изметот од нивните миленичиња и го оставаат на тревни и други површини.

-Апелираме до граѓаните за поголема свесност и почитување на прописите и законите со што ќе се придонесе кон зачувување на чистата животна средина, грижа за здравјето на сите наши граѓани, како и хуман и правилен третман на милениците – нагласуваат од локалната самоуправа.

Оттаму најавуваат дека во наредниот период ќе спроведат акција во рамките на која комуналните инспектори ќе им укажуваат на несовесните сопственици на миленичиња и ќе ги санкционираат ваквите појави, а сè со цел подигање на јавната свест по ова прашање.

Што се однесува за шетање милениче без поводник, од Општина Аеродром велат дека тоа е во надлежност на полицијата.

Вакви појави според надлежните од Општина Ѓорче Петров не се случуваат во дворовите на нивните основните училишта, бидејќи како што објаснуваат во наставниот процес постои дежурство во училишните дворови од страна на наставниците и учениците, додека во попладневните и вечерните часови сите училишта и градинки имаат обезбедено ноќни чувари. Но, сепак додаваат дека ќе се преземат мерки со писмени укажувања во раководствата на основните училишта и поголема агилност на чуварите во текот на нивното дежурство.

И до Општина Гази Баба немало пристигната ниту една пријава од страна на граѓани или родители кои се пожалиле од други лица, сопственици на миленици кои ги шетале во дворовите на училиштата.

Притоа, објаснуваат дека годинава  има бесплатно обезбедување во сите основни училишта кое преку директорите ќе биде задолжено ако забележат надворешни лица како шетаат миленици во дворот на училиштето, да им укажат дека тоа не е дозволено, а доколку биде потребно ќе се интервенира и од страна на инспекциските служби на општината.

(А.П.)