Советот на Карпош изгласа забрана за изградба на 28-катницата кај „Букурешт“

3896

Без присуство на советниците од СДСМ и од ГРОМ, иако уредно поканети се одржала денешната седница на Советот на Општина Карпош, која беше закажана од претседателот Бранко Ристов, а на која како единствена точка на дневен ред беше предлог-одлуката за задолжување на градоначалникот и на Општината да стопираат издавање градежни дозволи, забрана за започнување градба и спроведување ревизија на ДУП за градскиот кварт З 05 блок 08.

На неа, како што информираше Ристов, со 12 гласа „за“, полноправно е донесена одлука со која се забранува издавање дозвола за градба во рамките на ДУП за градскиот кварт З 05 блок 08, односно во делот каде што е предвидена изградба на 28-катница, во близина на поликлиниката „Букурешт“.

– Со одлуката се обврзува Општината да спроведе елаборат за суспензија на овој ДУП и да почне процедура за негова ревизија. Во моментов, тој ДУП е спротивен на ГУП и на линиските центи што се над планот. Очекуваме со ревизијата да има нова анкета со која граѓаните ќе го дадат своето мислење за тоа како да биде уреден тој дел на ДУП – истакна Ристов.

Тој очекува Општината да ја испочитува одлуката и да ја објави во „Службен гласник“ на Општина Карпош, со што ќе стане правосилна.

Ристов додаде дека се случило тоа што претпоставувал дека ќе се случи, односно дека Општината повторно одбила да учествува во организацијата на Советот и оти целиот товар на организација на седницата, како и обезбедувањето тонски запис, паднало на негов грб.

За разлика од него, градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, пак, вели дека одлуката ниту ќе ја објават во „Службен гласник“ ниту, пак, овие советници можат да го прават тоа што прават.

– Не може да се носи одлука спротивна на закон. Нивната концепција е да се оневозможи да се донесе ниту еден план. Карпош во моментов  како да е во 1945 година, без урбанистички планови, а тоа значи дека луѓето не можат ниту да надградат ниту, пак, да доградат. Се работи за сериозен проблем – тврди Јакимовски и додава дека таму каде што има урбанистички план, тие настојуваат да го урнат на Уставен суд, а таму каде што не можат да ги урнат, се обврзуваат да прават ревизии за да го запрат Карпош.

(А.П.)