Со денови седев и плачев, а сега сум лут, морам да победам на овој натпревар

143

Тренерот на Болоња, Синиша Михајловиќ, одлучи да ја заврши професионалната кариера за да се соочи со подмолната болест – леукемијата, која неодамна му била откриена.

Српскиот фудбалски стручњак неодамна ги заврши деталните медицински прегледи и лекарите го предупредиле дека треба да продолжи со агресивен третман при лекувањето.

-За жал, или за среќа, направивме некои тестови кои покажаа аномалии кои ми се случиле пред четири месеци. Сѐ ќе ви објаснам, бидејќи не сакам луѓето да шпекулираат. Ќе ви ја кажам вистината, како се одвиваат работите, тогаш кога сѐ ќе се направи. Лекарот ќе продолжи да ви дава информации, со почит кон мојата приватност, изјави Михајловиќ во првите моменти на прес-конференцијата.

-Кога ја слушнав веста, тоа беше вистински удар за мене. Седев и плачев со денови, животот ми поминуваше пред очите. Ова не се солзи од страв. Јас ја почитувам оваа болест, ќе се справам со неа, со испружени гради, гледајќи во нејзините очи, на начинот на кој секогаш го правев тоа во фудбалот.

Не можам да дочекам да одам во болница и да ја почнам борбата против оваа болест. Таа е агресивна, но може да ја победам. Им објаснив на моите играчи, имавме конференциски повик со нив, и како што е природно, пуштив солзи.

Им објаснив дека мораме да одиме на победа. Ако седнеме и се обидуваме да се одбраниме, веднаш ќе се распаднеме, изјави Михајловиќ.

Но, и покрај тоа што српскиот тренер најави пензионирање, Болоња не се откажува од својот кормилар, па директорот на клубот Валтер Сабатини објави дека Синиша останува на чело на клубот.

-Тренерот Михајловиќ покажа голема храброст кога закажа прес-конференција. Тука сме да го поддржиме, семејството Сапуто веќе долета од Монтреал. Овој човек ќе може да смета на Болоња. Тој ќе биде со нас, а ние ќе бидеме со него – што и да се случи. Јас можам да ви кажам дека ништо нема да се случи, зашто овој човек е многу силен. И нека биде јасно – Синиша ќе остане тренер на Болоња! Ништо не се менува!, изјави Сабатини.