Ана Дракшин, навидум наивна и невина старица, е неизбежен лик во галеријата на југословенските монструми, бидејќи не е познато колку луѓе се отруени во текот на половина век од нејзината невообичаена кариера. По осумдневна терапија жртвите умирале, но не заради нејзината натприроднамоќ туку заради точното количество арсен во нејзината „волшебна водичка“

Ана Дракшин е име што никому малку значи. Баба Анујка или Банатската Вештерка се прекари со кои оваа жена, која живееше на крајот од 19 и почетокот на 20 век во денешна Србија, беше далеку попозната – но сè уште е непозната за огромното мнозинство жители на поранешна Југославија, пишува порталот „Индекс“. Според сите извештаи, Баба Анујка била првиот и најголемиот сериски убиец на поранешна Југославија и веројатно меѓу најголемите сериски убијци во светот. Вмешано е во труење на најмалку 50, а според некои проценки до 150, ако не и повеќе луѓе. За сето тоа најзаслужна е нејзината „магична водичка“.

Случајот со гатачката од Банат била светска вест додека била судена во 1929 година, за што сведочат и тогашните написи во весниците од Австрија (Кронен Цајтунг, Тагблат), Австралија ( „The Worker, The Advertiser) и САД ( „The Baltimore Sun“, „New York Herald Tribune“, итн.) и насловите како: „Обвинета за 50 убиства, баба (93) доби 15 години затвор“, „Банатската гатачка им давала отров на жените уморни од своите сопрузи“. Иако се одвивала речиси пред еден век и денеска приказната за баба Анујка привлекува внимание.

Постојат неколку извори кои зборуваат за животот на баба Анујка, а најмногу раскажала сама за време на апсењето и во текот на судењето. Ана ди Пиштоња е родена како Ана Дракшин или Дракин, а според неа, била родена во 1837 година. Татко ѝ бил богат земјоделец од Војводина, кој со семејството во 1849 година од Романија се доселил во Петрово Село, тогашниот назив за Владимировац. На ќерка си ѝ обезбедил добро школување, а посебен интерес покажала кон хемијата.

Анујка се омажила за 20 години постар газда на имотот Пистов или Ди Пиштоња со кого имала 11 деца, од кои само едно преживеало до полнолетство. Сопругот и починал по 20 години брак, а Анујка тогаш се вратила на изучување на хемијата.

По смртта на сопругот, дел од куќата претворила во импровизирана лабораторија, а низ Банат станала позната како исцелителка и треварка. По нејзините смеши и напивки доаѓале претежно дами, но неретко и момчиња кои сакале да бидат ослободени од служење на воениот рок затоа што напивките им помагале да се разболат. Се раскажува дека баба Анујка држела кафеана, па била во контакт со голем број луѓе, но имала и соработници во други села кои на очајните жени им ги препорачувале нејзините напивки.

„Колку е тежок овој проблем?“

Нејзината смеша била позната како „волшебна вода“ или „љубовна напивка“, а на клиентите речиси задолжително им го поставувала истото прашање „Колку е тежок овој проблем?“, притоа мислејќи на телесната тежина на жртвата. Иако клиентите верувале дека станува збор за магија, Анујка во нивните напивки ставала отров, најчесто арсен, а откако ќе ја дознаела тежината на жртвата знаела и кое количество отров да го стави. Клиентите добивале детално упатство за користење, со „пророштво“ дека проблемот ќе исчезне на осмиот ден од почетокот на земање на „волшебната напивка“; што навистина и се случувало, жртвите умирале на осмиот ден, но не заради нејзините моќи туку заради нејзините точни пресметки за количеството отров во однос на телесната маса.

Заедно со своите соработници на територијата на Банат дејствувала полни четириесет години. Обвинувањата одвреме-навреме стигнувале на адреса на австроунгарските власти, но одговор немало затоа што таа ги подмитувала жандарите, а истовремено уредно плаќала даноци и живеела мирен живот.

Откривање на злосторствата со ексхумација

Кога под сомнителни околности починал и втор маж од блиското опкружување на извесна Стана Момиров, полицијата ја викнала оваа жена на сослушување. Откако првиот маж на Стана умрел, таа се премажила. Но кога за брзо време починал и богатиот чичко на вториот маж на Стана, полицијата решила да го испита случајот. Стана купила „магична вода“, со која го убила првиот маж, во јануари 1924 година и тоа за 2.300 динари.

Баба Анујка својата „волшебна водичка“ ја продала на уште едно семејство – Момиров, Симо и Софија, и тоа во декември 1926 за 5.000 динари. Тие планирале да го убијат таткото на Симо, Никола, кој наводно бил насилен кон нив и нивните деца.

Меѓу случаите за кои и било судено била и смртта на Гаја Прокин, здрав 60-годишен богат вдовец, кој парите ги заработил во Америка. Наследството им го поделил на синовите, а на внукот Милан му ветил земја која требало да ја наследи по неговата смрт. Но Милан и неговата сопруга биле нетрпеливи, па побарале помош од баба Анујка. Со неа на тој случај работела нејзината соработничка Љубинка Миланков, која по рецепт на Анујка направила отров за клиентите, но не доволно силен. Гаја пошол на лекар, но починал на 29 декември 1927 година. Поради неговата сомнителна смрт му била направена обдукција при што било утврдено дека бил отруен.

Првото судење на баба Анујка било неуспешно, поради недоволно докази била ослободена. За второто судење властите биле подобро подготвени. Баба Анујка имала неколку соработнички, од кои некои незадоволни од наградите кои ги добивале сведочеле против неа. Извршени биле и неколку ексхумации и кај сите биле најдени честички од арсен и од жива. Но многу клиенти одбиле телата на нивните блиски да се ексхумираат со цел нивната вмешаност да не се доведува во прашање.

Судење на 90 години

Против баба Анујка е покренато обвинение за убиство на Никола Момиров и Лазар Лудошки. Уапсена е на 15 мај 1928 година, кога имала 90 години. Пресудата е донесена на 6 јули 1929, а била осудена на 15 години затвор.

Постојат две приказни за тоа како завршила баба Анујка, серискиот убиец од Владмировац. Едната вели дека била пуштена на слобода кога имала 98 години, по осум години поминати во затвор заради старост, а умрела две години подоцна во својата куќа. Други извори велат дека во затвор била сè до почетокот на Втората светска војна, кога била ослободена. Според овие извори таа живеела 104 години.